Големи протести против амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, како и во главниот град на Гренланд, Нуук.
Според најавите на социјалните мрежи, неколку илјади граѓани изразиле намера да учествуваат на протестите што ќе се одржат на Гренланд и во Данска, во Копенхаген, Архус, Олборг и Оденсе, по иницијатива на повеќе гренландски организации.
„Целта е да се испрати јасна и едногласна порака за почитување на демократијата и темелните човекови права на Гренланд“, соопшти националната организација на граѓани на Гренланд во Данска – Уагут, на својата интернет-страница.
Организаторите, меѓу кои се Уагут, граѓанското движење „Рацете подалеку од Гренланд“ и коалицијата на локални гренландски здруженија Инуити, имаат намера да ја искористат посетата на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген за нивниот глас да биде слушнат на меѓународно ниво.
Откако повторно се врати на власт пред една година, Трамп редовно ја споменува можноста за преземање контрола врз огромниот, стратешки важен, но слабо населен арктички остров кој е под суверенитет на Данска. Тој тврди дека Гренланд ќе го преземе „на овој или на оној начин“, со цел, како што вели, да се спротивстави на руските и кинеските интереси на Арктикот.
Во петокот навечер, неговиот близок советник Стивен Милер ги потврди американските ставови во врска со територијата.
„Гренланд е голем колку една четвртина од САД. Данска, со сета почит, е мала земја со мало стопанство и мала војска и не може да го брани Гренланд“, изјави Милер за телевизијата „Фокс њуз“.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави не планираат да „трошат милијарди долари за одбрана“ на територијата, додека суверенитетот би останал во рацете на Данска.
Протестите најавени за сабота доаѓаат три дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските власти признаа дека во моментов не постои можност за договор со американското раководство за иднината на автономната територија.
Иако повеќе европски лидери изразија поддршка за Данска, една од основачките членки на НАТО, американскиот претседател во петокот се закани со воведување царини за земјите што нема да го поддржат неговиот план за стекнување на Гренланд.
Повик за протест е упатен и во Нуук, со цел спротивставување на, како што се наведува, „незаконските планови на Соединетите Американски Држави за преземање контрола над Гренланд“.
Во меѓувреме, Франција, Шведска, Германија и Норвешка, на кои им се приклучија Холандија, Финска и Обединетото Кралство, оваа недела најавија распоредување воен персонал за извидувачка мисија на Гренланд, во рамки на данската воена вежба „Arctic Endurance“, организирана со сојузниците од НАТО.