ПУЛС

media-library8bhlgo0tkq6c7fQDOta

(Видео) Мајка од Кочани ги објави последните снимки од ќерката во дискотеката „Пулс“: Последниот танц на моето дете е снимен – последниот здив, последниот поглед, последната надеж

Со потресна објава на социјалните мрежи, Стојка Иванова Антова, мајката на загинатата Ивона Антова, едно од младите девојчиња кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели делови од последните видеа на својата ќерка — моменти исполнети со смеа, музика и живот, кои само неколку минути подоцна се претворија во трагедија.„Последните видеа… последните мигови кога моето дете беше живо, среќно, насмеано… кога уште ни светеше животот пред очи. Ги гледам тие снимки и секој пат ми се ломи срцето — затоа што таму е нашата единствена ќеркичка Ивонче, со својата чиста насмевка, со својата душа полна со светлина“, напиша мајката.Стојка со солзи во очите опишува како ја гледа својата ќерка на видеата во последните секунди пред пожарот, опкружена со пријатели, музика и смеа. Тие снимки, вели, се нејзината „најболна, но и најсвета спомена“.„Во 2:34 часот… видеото што е мојот најголем кошмар, моментот кога започнува мракот што ми ја изеде душата. Гледам како моето дете се турка кон вратата… како бара само воздух, само живот“, сведочи таа.Со потресни детали, мајката опишува сцени од трагичните моменти: паниката, чадот, крикот за помош, и тишината што следи.„Моето дете — чекор пред излез, чекор пред спас… а никој не ја прибрал. Ја туркале назад, ја газеле, ја удирале. Гледам како се бори за здив, како бара спас, како му вели на момчето ‘брат, помогни’ — а никој не слуша…“, пишува таа.Во објавата, Стојка Антова признава дека секојпат кога ги гледа тие видеа, срцето ѝ се распаѓа, но и дека само тие снимки ја одржуваат жива.„Тие видеа ми се и болка и утеха. Болка — затоа што знам што ја чека. Утеха — затоа што ја гледам жива, светла, моја. Тоа се последните секунди кога ја гледам како танцува со чисто срце, без да знае дека тоа е нејзиниот последен танц на овој свет.“Објавата на мајката на Ивона предизвика силни емоции и реакции низ јавноста, повторно потсетувајќи на трагедијата во „Пулс“ во Кочани, кога во пожарот животот го загубија 62 млади лица.Нејзините зборови се сведоштво за незатворената рана на родителите, кои и натаму бараат вистина, одговорност и правда за загинатите деца.

Македонија | пред 2 месеци

media-library8quf6uusf5bh4Hhr0yp

Сопругата на Андреј од ДНК: Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од дуото ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, денеска на маршот за правда во Скопје упати силен апел до пратениците и институциите — да помогнат во целосно и независно расветлување на трагедијата.Во емотивен говор пред Собранието на Република Македонија, Ѓорѓиеска побара надзорна расправа и формирање анкетна комисија што ќе го испита секој чекор на институциите, од локално до државно ниво.„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да ја носи болката која е последица на пропуст, негрижа или недејствување,“ рече Ѓорѓиеска.Таа истакна дека истрагата што досега се водела е нецелосна и недоречена, со бројни неразјаснети прашања и сомнежи.„Имаме право на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања и без одговори. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена,“ нагласи таа.Ѓорѓиеска потсети дека трагедијата во „Пулс“ не е само човечка загуба, туку и навреда на најосновните човекови права – правото на живот, на безбедност и на навремено постапување на институциите при опасност.„Анкетната комисија е неопходна за да се провери како постапувале сите институции, да се утврди политичка и службена одговорност и да се подготват мерки што ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори,“ заврши Ѓорѓиеска, додека толпата на плоштадот ѝ оддаде поддршка со долготраен аплауз.

Македонија | пред 2 месеци

media-library41bsacmvk20a8X5Szva

(Фото и видео) „Марш на ангелите” во Скопје: 63 сенки ќе ве следат,секој поглед бара правда

Родители, семејства, познати, граѓани денеска точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, во Скопје го започнаа „Маршот на ангелите”.Народот со фотографии од 63 загинати во катастрофалниот пожар во дискотеката ,, Пулс” во Кочани, се упати кон Собранието, а завршницата е пред Основниот кривичен суд.„63 сенки ќе ве следат, секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Тишината е соучество”, ,,Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите”, пишува на транспарентите кои ги носат граѓаните.Маршот е мирен, а има и редари.Судењето започнува на 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7fefgsr0flr3fRv4lYr

,,Марш за ангелите” во Скопје: Дојдете и бидете со нас, поддршката значи сила, секој човек е важен

Денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“, протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците на маршот ќе се упатат кон парламентот, а потоа пред Основниот кривичен суд.Организаторите упатија апел до сите граѓани да им се придружат. ,,Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно, да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува”, велат организаторите.Судењето за случајот е закажано за 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarymoetlkn2tpro8cTzT7n

Support Kocani донираше компресивна облека вредна 452.537 денари за повредените во ,, Пулс”

Граѓанската иницијатива Support Kocani информира дека продолжува со поддршката за повредените лица од пожарот во дискотеката ,, Пулс” во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека.,,Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од SupportKocani.

Македонија | пред 2 месеци

media-library6qjfqdevu3o39AJNWkz

Судењето за кочанската трагедија ќе се одржува двапати неделно, првото рочиште на 19 ноември

Судењето за трагедијата во дискотеката во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени над 200, ќе почне следната недела на 19. ноември и ќе се одвива во судницата во Казнено-поправната установа Идризово.Како што соопштија од Основниот кривичен суд во Скопје и Јавното обвинителство, процесот ќе има по две рочишта неделно, со засилени безбедносни мерки и присуство на медицински тим. Првите три рочишта се закажани за 19, 25 и 26 ноември.Оштетените сведоци ќе можат да присуствуваат дури по нивното сослушување.Случајот го застапуваат 15 јавни обвинители, а обвинети се 35 физички и три правни лица. Трагедијата се случи на 16 март оваа година.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarygph134rmne6kays8WVH

Адвокатката Јошевска-Анастасовска: Брифингот на судот со обвинителството создава впечаток на нефер постапка

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска остро реагираше на најавениот брифинг на Основниот кривичен суд Скопје и Јавното обвинителство во врска со предметот за пожарот во Кочани, оценувајќи дека ваквиот чекор остава впечаток на процесна нерамнотежа и нарушување на принципот на независност.„Кога судот и обвинителството настапуваат заедно, правдата останува сама,“ напиша таа на „Фејсбук“. Јошевска-Анастасовска, која е дел од одбраната во случајот, смета дека со тоа што судот организира брифинг на кој е покането само обвинителството, се создава впечаток дека институцијата стои на иста страна со една од страните во постапката.„Судот треба да биде над обвинителството, а не покрај него и да расправа со него за ‘технички предизвици и организациска поставеност’. Ако веќе решил да го покани обвинителството, тогаш требаше да ја повика и одбраната,“ посочува адвокатката.Таа додава дека со вакви потези судот не ја заштитува, туку ја посрамотува правдата и создава услови за нефер постапка.Брифингот, како што претходно соопшти Основниот кривичен суд, е закажан за денеска, во 10:30 часот во судницата на КПУ Идризово, каде што на 19 ноември треба да започне главната расправа за случајот со пожарот во Кочани.

Македонија | пред 2 месеци

media-library6qjfqdevu3o39AJNWkz

Обвинителството подготвено за почеток на судењето за „Пулс“ – 15 обвинители ќе го застапуваат случајот со пожарот во Кочани

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, ќе започне на 19 ноември во Скопје. Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека обвинителството е целосно подготвено за почетокот на процесот и дека ќе бидат ангажирани доволен број обвинители за ефикасно водење на предметот.„Обвинението во судница ќе го застапуваат обвинителите кои работеа на случајот од самиот почеток. Сепак, на вчерашниот состанок договоривме да се вклучат уште неколку обвинители за да не се оптоварат оние што веќе имаат други предмети. Можеби нема секогаш сите да бидат присутни, но секогаш ќе има обвинител кој ќе го застапува случајот, за постапката да не се пролонгира или одложува по вина на обвинителството,“ изјави Коцевски, додавајќи дека вкупно би можеле да бидат ангажирани и до 15 обвинители.Во однос на предистражната постапка поврзана со службеници на Управата за јавни приходи, Коцевски појасни дека истата се спроведува во Основното јавно обвинителство Кочани. Надлежниот обвинител веќе издал конкретни наредби и насоки до институциите за преземање на неопходните дејствија.Со почетокот на судењето за случајот „Пулс“, се очекува јавноста конечно да добие увид во сите околности што доведоа до една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryp6odc255kvil5gCJVTu

(Видео) Родителите на загинатите од „Пулс“ со повик до цела јавност, доаѓаат во Скопје четири дена пред првото судење

Низ солзи и со длабока болка, родителите на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ најавија голем граѓански марш во Скопје, закажан за 15 ноември во 12:05 часот — четири дена пред почетокот на првото судење за случајот.Маршот ќе започне од Плоштад Македонија, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд, каде што родителите ќе бараат од институциите конечно да преземат одговорност и да обезбедат правда за нивните деца.„Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тогаш марширававме сами, додека градот молчеше. Сега ве повикуваме сите да дојдете — без посредници, без лаги, без манипулации. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено што остана е борбата за правда,“ порачаа родителите во своето обраќање.Тие потсетија дека во изминатите месеци одржале повеќе од триесет маршеви во Кочани, но додаваат дека „тоа не било доволно за да ги разбуди институциите“.„Свесни сме дека патот до вистината ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот. Веруваме дека Македонија има совест, дека знае да се сплоти кога најмногу боли,“ велат тие.Маршот на 15 ноември ќе биде, како што родителите нагласуваат, „повик на совеста, а не на политиката“, симбол на сплотеност и отпор против неправдата која трае повеќе од една година.„Се гледаме на маршот,“ завршуваат родителите.

Македонија | пред 2 месеци

media-library3q664t3rrh4f9Dctjtp

(Видео) Таткото на Надица која загина во „Пулс“ со потресна објава: „Тоа беше последното затворање на вратата…“

Александар Наунов, таткото на трагично загинатата Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели видео од нејзиното последно заминување од дома — момент кој, како што напиша, засекогаш му го променил животот.„Последното затворање на врататаТоа беше обично затворање на врата…Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.Помина време, но не и мојата болка.Надица, ти остана вечна во моето срце,во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша Наунов.Потресната порака на таткото ја проследи со видеоснимка направена неколку часа пред трагедијата, на која неговата ќерка се гледа како заминува од домот со насмевка.Во објавата се приклучи и нејзиниот вујко, Дарко Златев, кој напиша:„Мој ангел, моја светлина, моја вечна љубов… засекогаш ќе живееш во мене. Сакам те, вујкино злато мое.“Објавата предизвика лавина емоции и поддршка на социјалните мрежи. Многумина коментираа дека зборовите на Наунов се потсетник дека трагедијата во „Пулс“ не е завршена – таа сè уште живее во болката на семејствата кои изгубија најмилите.

Настани | пред 2 месеци

media-library9l1acsq71kmc9M0eyV3

(Видео) „Марш за ангелите во Кочани“ – семејствата на жртвите бараат правда за трагедијата во „Пулс“

Денеска во Кочани се одржа „Маршот за ангелите“, кој го организираат семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс.Семејствата, со болка и револт, излегоа на улиците држејќи транспаренти и фотографии од своите најблиски кои трагично ги загубија животите.Со маршот тие бараат правда и одговорност за трагедијата, потсетувајќи дека, и по повеќе месеци од несреќата, сè уште нема конкретни одговори ниту завршена истрага.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryfn4t5h0nscfv24pUFIE

Овој викенд без ‘Марш на ангелите’ – ден за молитва и почит кон жртвите од ‘Пулс’

Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ соопшти дека поради Задушница, оваа сабота, 1 ноември, нема да се одржи „Марш на ангелите“, традиционалниот собир во чест на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“.„Овој ден е посветен да им запалиме свеќа, да се помолиме за нивниот вечен мир и да им оддадеме достојна почит на сите наши најмили што не се меѓу нас. Следниот марш ќе биде најавен дополнително“, стои во соопштението објавено на Фејсбук.Родителите на починатите млади минатата сабота го одржаа 28. „Марш на ангелите“, повикувајќи повторно на правда и вистина за случајот кој ја потресе целата земја. Тие потсетија дека институциите и натаму молчат, дека системот кој требаше да ги штити, не реагирал и дозволил пред нивните очи да се создаде „шупа однадвор, а замок на монструм внатре“.

Македонија | пред 3 месеци

media-library7n3jh7q76f4jdqiQeON

Бараме судница што ќе биде храм, а не циркус, судија што ќе мери со срце и закон, а не со нарачка, прака од „Маршот на ангелите“

Родителите, блиските и пријателите на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, на 16 март, излегоа на на 28. „Марш на ангелите’’ на кој побараа вистината да излезе на виделина.Од надлежните бараат да имаат совест, а не да преовлада интересот.„Само вистината може да им донесе мир на нашите ангели.Застанете сега, кога катастрофалната штета веќе е направена. Барем со грам жал и сочувство за нашите ангели одговорно признајте ја вината. Не се кријте зад прес-конференции, трибини, митинзи и лажни насмевки. Наведнте ја главата и кажете -Да, згрешивме.Бараме правда, не за утеха, туку за вистината. Бараме тишина во која совеста ќе проговори, судница што ќе биде храм, а не циркус, судија што ќе мери со срце и закон, а не со нарачка. Бараме држава што нема да ја штити вината, туку вистината и бараме инситуции што ќе имаат совест, а не интерес“, порачаа учесниците на собирот.Почетокот на судскиот процес за пожарот во „Пулс“ каде згаснаа 63 млади животи и во кој беа повредени повеќе од 200 лица. е закажан за 19 ноември годинава.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryvn3r79d5q8e363MClMJ

(Видео) „Додека ние маршувавме со сликите на нашите деца, тие седнаа заедно на кафе“, се бара притвор за обвинет во случајот „Пулс“

Светлана Стојанова, мајка на загинатиот Андреј Стојанов, во емисијата „Претрес со Ландов“ откри дека заедно со другите родители на жртвите поднеле барање за замена на мерките на претпазливост за обвинетиот Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани и обвинет во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“.Стојанова објасни дека родителите ја донеле оваа одлука по саботниот настан кога го виделе Димитровски во ресторан во друштво со Влатко Грозданов, кандидат за градоначалник на Кочани и, според нив цитирајќи го обвинението, лице кое во постапката има својство на оштетен. Според нив Димитровски не смеел да се среќава со грозданов зошто имал забрана од судот.„Тие се одлучиле баш во тој момент да прават средба, да излезат на кафе, не знам што им била целта, ама тоа е толку нечовечки. Денес поднесовме предлог-барање за определување на други мерки на претпазливост до ОЈО Кочани, ОЈО Скопје и Кривичниот суд, бидејќи Димитровски има забрана за приближување или контакт со лице кое се јавува како оштетен во случајот — Влатко Грозданов“, изјави Стојанова.Таа додаде дека средбата се случила токму во моментот кога родителите одржувале протестен марш во Кочани, посветен на жртвите од трагедијата.„Не знам како можеле баш во тој час, кога ние родителите маршувавме со сликите на нашите загинати деца, тие да седнат на кафе. Тоа боли“, рече мајката на Андреј.На прашањето дали е разочарана што Обвинителството само не реагирало по службена должност, таа одговори:„Нашето разочарување се виде на 16 март. Поголемо разочарување од тоа нема.“Родителите очекуваат институциите да постапат по нивното барање и да ги заштитат, како што велат, достоинството и довербата во правдата, која ја бараат речиси една година по кочанската трагедија.Целиот тежок разговор за случајот:

Македонија | пред 3 месеци

media-library8n7oou7f5qjg83BwM1H

Д-р Мирчовска: Хипербарната капсула во ОБ Кочани е функционална и безбедна, со стручен пристап и едуциран персонал

Во врска со интересот на јавноста за хипербарната кислородна терапија и третманите на повредените во несреќата во дискотеката „Пулс“, в.д. директорката на Општата болница Кочани, д-р Катарина Мирчовска, даде појаснување за постапките и начинот на работа на установата.„Во болницата е донирана еднокоморна хипербарна капсула, наменета за третман на едно лице, која користи кислород под притисок. Таа претставува медицински уред за повеќе индикации во доменот на дерматологија, неврологија, физикална медицина и лекување на повреди. Уредот беше дониран со цел поддршка на повредените во трагедијата, по што беше одржан стручен колегиум за утврдување на безбедносни процедури и потреба од обука на медицински персонал“, вели д-р Мирчовска.Таа додава дека, по стручна консултација со Клиниката за пластична хирургија, е направена проба на апаратот и мерење на времето за декомпресија, кое изнесува околу пет минути — потребно за безбедно извлекување на пациент во случај на паничен напад.„Хипербарната терапија бара прецизен пристап и не може да се споредува со употреба на вакви капсули од страна на спортисти или лица без медицинска индикација. Кај пациенти со изгореници, инхалациски повреди и психолошка траума, третманите мора да се спроведуваат под надзор на обучен тим“, нагласува директорката.Еден физијатар и еден физиотерапевт од ОБ Кочани веќе се здобија со обука во Шпанија. Во наредниот период, хипербарната капсула ќе биде преместена во просторија на физикалната медицина, каде што ќе биде под контрола на едуциран персонал и достапна за пациенти кај кои има медицинска индикација за нејзино користење.Во однос на тековните активности, д-р Мирчовска објаснува дека реновирањето на просториите во болницата започнало во јуни, најнапред во физикалната медицина, а дел од терапиите на повредените се изведувале на Пониква како дел од процесот на рехабилитација и психосоцијална поддршка.„Во целиот период не недостигал стручeн кадар — терапиите се спроведуваа и со поддршка од специјалисти и физиотерапевти од Штип, 8 Септември и Институтот Козле. Што се однесува до силиконските лепенки, дел од доставените беа за рани, а не за лузни, и во таа фаза не беа применливи за повредените“, појасни Мирчовска.Таа додаде дека болницата останува отворена за соработка со сите поединци и организации кои имаат волја и можности да помогнат во создавање подобри услови за лекување и опоравување на пациентите.„Целта ни е заедничка — подобро здравје и побрзо закрепнување на повредените и сите граѓани“, порача в.д. директорката на ОБ Кочани.

Македонија | пред 3 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања