За да “Пулс” не биле пломбиран, газдата Деко лажирал податоци пред УЈП: по пораките од неговиот телефон осомничени се 11 лица од УЈП и Пазарна инспекција
Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“, во која во март годинава животот го загубија 63 млади лица.Според обвинителството, за тројца од осомничените е донесена наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Штип, кои го предупредувале одговорното лице во клубот „Пулс“ за ненајавени контроли, а за возврат добивале подароци и парични надоместоци.Двајцата контролори се осомничени за „примање поткуп“ според член 357 од Кривичниот законик, додека синот на сопственикот на клубот, кој веќе е обвинет во главниот процес за пожарот, е осомничен за „давање поткуп“ според член 358.За двајцата контролори обвинителството побара притвор, а за третиот – проширување на мерките на претпазливост и забрана за контакти со новоосомничените.Покрај нив, уште шест лица – даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица се осомничени дека му овозможувале на клубот „Пулс“ и на поврзаното правно лице „ММММ кафе“ да избегнуваат инспекциски контроли и да работат без соодветна фискализација.Со тоа, тие се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“ согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив обвинителството предложи мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за напуштање на местото на живеење.Меѓу осомничените е и сопственикот на „Пулс“, кој веќе се наоѓа во притвор. Тој е осомничен за „фалсификување исправа“, бидејќи подолг временски период прикажувал преправени фискални апарати со лажни податоци при контроли од Управата за јавни приходи, со цел да избегне парични глоби и затворање на објектот.Исто така, обвинителството ја товари и една инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која оддавала службени информации за ненајавени контроли. Таа е осомничена за „оддавање службена тајна“ според член 360 од Кривичниот законик.Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека оваа постапка не е дел од предметот за трагедијата во „Пулс“, бидејќи овде не се работи за поврзаност со смртната последица, туку за дела поврзани со злоупотреба, давање и примање поткуп.Обвинителот Борче Јанев во воведниот говор на главната расправа потсети дека ако имало навремени контроли и санкции, трагедијата ќе можела да се спречи.„Дејан Јованов ги заобиколувал сите инспекции и контроли во трката за профит. Никој не му ги барал документите, а на крај го заглави и сопственото дете,“ рече Јанев.Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува следната недела, во вторник и среда, со излагања на обвинетите. Паралелно, Јавното обвинителство за организиран криминал работи на уште едно обвинение поврзано со случајот, кое се однесува на улогата на полициски службеници.
Македонија | пред 2 месеци