Идентификуван еден од напаѓачите во теророт на Бонди, премиерот зборува за „чин на зол антисемитизам“
Австралиските власти го објавија идентитетот на еден од напаѓачите вмешани во терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј. Станува збор за 24-годишниот Навид Акрам, чие име и адреса се наведени во неговата возачка дозвола, според која тој живеел во Бонириг, предградие на Сиднеј. Истрагата за мотивите и можните соработници на напаѓачите е во тек, а безбедносните служби се обидуваат да утврдат дали постојат и други лица со слични намери.Директорот на австралиската безбедносно-разузнавачка агенција ASIO, Мајк Бургес, изјави дека најмалку еден од напаѓачите им бил познат на службите, но не бил третиран како непосредна закана. Тој нагласи дека во овој момент нема индикации за поширока мрежа или за лица кои подготвуваат слични напади, но дека истрагите се активни и детални. „Очигледно е дека мора да се испита што точно се случило и дали постоеле сигнали што не биле навреме препознаени“, изјави Бургес.Австралискиот премиер Ентони Албанезе на прес-конференција пукањето го оцени како чин на зол антисемитизам и тероризам кој го погодил срцето на нацијата. Тој истакна дека насилството ослободено во Бонди е надвор од секое поимање и дека болката и загубата со кои се соочуваат семејствата на жртвите се незамисливи. Албанезе им оддаде признание на граѓаните кои, како што рече, трчале кон опасноста за да им помогнат на другите, нагласувајќи дека нивната храброст спасила животи.Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружи видео-снимка на која се гледа како цивил се соочува со еден од напаѓачите и му го одзема оружјето, сцена која дополнително ја нагласи драмата и херојството во моментите на хаос. Австралиските власти продолжуваат со истрагата и апелираат јавноста да остане смирена и да ги следи официјалните информации додека се расчистуваат сите аспекти на овој тежок напад.
Свет | пред 2 седмици