Обврзниците да поднесат хартиено барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок
Во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 26/2026 од 10 февруари 2026 година е објавен Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот за враќање на платениот данок на солидарност, образец УЈП-УН-3.2-39/ДС – Барање за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок.Управата за јавни приходи ги известува даночните обврзници кои извршиле плаќање на данокот на солидарност согласно Законот за данок на солидарност, дека доколку бараат поврат на платениот данок и на споредните даночни давачки, како што се камата за ненавремена уплата и еднократна такса во постапка на присилна наплата, потребно е да поднесат барање на наведениот образец до даночната канцеларија на УЈП кон која припаѓаат.Барањето се поднесува во хартиена форма, а образецот е достапен за преземање од Управата. Повратот на данокот на солидарност и на споредните давачки ќе се врши исклучиво за обврзниците кои ќе поднесат уредно пополнето барање, и тоа во две еднакви рати: првата во март 2026 година, а втората во март 2027 година.Во делот „Податоци за платен данок на солидарност и споредни даночни давачки“ обврзниците треба да ги наведат вкупните износи поделени на две еднакви рати, како и датумот на уплата и валутата на повратот. Покрај овие податоци, задолжително е да се пополнат и податоците за даночниот обврзник, банкарската сметка на која ќе се изврши повратот, доказ за платена административна такса, како и податоци за потписникот и составувачот на барањето.Од УЈП појаснуваат дека не е потребно да се доставува доказ за платениот данок и споредните давачки, бидејќи Управата располага со податоци за извршените плаќања.Повратот ќе се реализира согласно член 28 од Законот за даночна постапка, за што Управата ќе донесе соодветен даночен управен акт во форма на решение. При одлучување по барањата ќе се применуваат и одредбите од член 25 од истиот закон, што значи дека кај обврзниците кај кои ќе се утврди даночен долг по друг основ, како данок на додадена вредност или данок на добивка, ќе се изврши пребивање на долгот со износот на платениот данок на солидарност.
Македонија | пред 1 ден