Авион на Flydubai кој летал од Дубаи кон Тел Авив бил принудно пренасочен кон Саудиска Арабија по инцидент во пилотската кабина, при што еден од пилотите бил избоден, а авионот во еден момент почнал нагло да губи висина.
По слетувањето во Табук, патници раскажале за моментите на паника во авионот. Еден од нив, Хаим Лазарович, изјавил дека најстрашниот момент бил кога пилотот ја изгубил контролата врз авионот.
„Мислев дека ќе загинеме“, раскажал тој по пристигнувањето на аеродромот „Бен Гурион“.
Осумнаесетгодишниот Оран Коен, пак, рекол дека пред авионот да почне да понира, слушнал извик „Алаху акбар“, но не можел да каже кој го изговорил.
„Не можам да ви опишам што чувствував во тој момент. Имам 18 години... Беше многу тежок момент“, раскажал Коен, додавајќи дека слушнал како неговиот брат викал дека ќе умрат.
Според сведоштвата на патниците, авионот почнал нагло да губи висина, по што повеќе луѓе тргнале кон предниот дел од кабината. Податоците од следењето на летот покажале значително намалување на височината, а авионот испратил и код 7500, кој се користи за сигнализирање незаконско попречување на летот.
Еден од патниците, Јанив, раскажал дека со уште едно лице успеал да влезе во пилотската кабина.
Според неговото сведоштво, повредениот пилот бил во близина на вратата, која тешко се отворала, но успеал да ја отвори пред да се онесвести. Кога влегле во кабината, го виделе осомничениот напаѓач кај инструментите.
„Го фатив напаѓачот, го фатив околу вратот и прво го извлеков надвор“, раскажал Јанив.
Тој тврди дека напаѓачот се обидувал да ги оштети инструментите во кабината. Патниците успеале да го совладаат и да го задржат на подот.
Во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Јанив раскажал дека во еден момент ги повлекол командите на авионот. Кога Нетанјаху го прашал дали навистина го направил тоа, патникот одговорил:
„Гледам „Air Crash Investigation“, господине премиере.“
По неговата интервенција, според неговото сведоштво, авионот почнал да се стабилизира, а еден од пилотите му кажал дека повторно ја презема контролата.
Нетанјаху го нарекол Јанив херој. На снимката од нивната средба се забележува и крвава дамка на неговата маица. На прашањето дали крвта е од напаѓачот, тој одговорил потврдно.
Во авионот имало повеќе од 170 израелски патници. По слетувањето, двајцата пилоти биле пренесени во болница, додека осомничениот напаѓач бил уапсен во Саудиска Арабија. Според израелски претставник, станува збор за државјанин на Оман.
Израелските власти истражуваат дали станува збор за обид за терористички напад. Од Flydubai, сепак, посочиле дека околностите на инцидентот допрва треба да бидат утврдени и предупредиле дека е прерано да се носат заклучоци за причините што довеле до конфликтот во пилотската кабина.