Укинувањето на руската забрана за извоз на дизел не зависи само од состојбата со снабдувањето на домашниот пазар, туку и од укинувањето на санкциите за увоз на руските енергенси, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Руската Влада уште кон крајот на јануари воведе забрана за извоз на дизел за трговците, а во средината на јули мерката ја прошири и на производителите. Како причина беше наведена потребата од обезбедување доволни количини за домашниот пазар во периодот на жетвата, во услови на намалени капацитети за преработка поради украинските напади.
Забраната потоа двапати беше продолжена, а последниот рок е до крајот на септември годинава. Забраната за извоз на бензин, пак, ќе важи до крајот на јануари следната година.
Песков рече дека при одлучувањето за извозот на дизел ќе се земат предвид снабденоста на домашниот пазар и пополнетоста на резервите, но и други фактори.
Тој нагласи дека Русија очекува и укинување на санкциите за извоз на руските енергенси на странските пазари.
„За рускиот дизел да може да се испорачува на меѓународните пазари, тој мора да пристигнува таму без никакви пречки, односно без санкции и ограничувања“, рече Песков.
Според него, решението за извозот на рускиот дизел треба да биде сеопфатно, а меѓу условите што Москва ги посочува е и гарантирањето на безбедноста на пловидбата во Црното Море.