Македонската ракометна репрезентација со убедлив пораз го отвори настапот на Европското првенство, откако синоќа загуби од кодомаќинот Данска со 36:24. Иако разликата од 12 голови беше очекувана со оглед на квалитетот на противникот, избраниците на селекторот Кирил Лазаров во добар дел од натпреварот успеаја пристојно да му парираат на актуелниот светски и олимписки првак, пред речиси 15.000 навивачи во салата во Хернинг.
Веќе утре Македонија ја очекува можеби клучната пресметка за пласман во следната фаза, противник ќе биде Португалија, селекција која шампионатот го отвори со победа над Романија од 40:34 и во текот на целиот меч имаше резултатска контрола.
По поразот од Данска, селекторот Кирил Лазаров информираше дека денешниот тренинг е откажан, со цел репрезентативците да се одморат и физички и ментално пред важниот дуел во второто коло. Тој се осврна и на отсуството на двајцата искусни ракометари, Никола Митревски и Жарко Пешевски, кои не беа во составот против Данска.
„Причината за нивното отсуство се ситни повреди. По разговор со играчите, медицинскиот тим и стручниот штаб донесовме одлука да не настапат. Да беа целосно здрави, сигурно ќе играа. И двајцата имаат добра сезона зад себе и се надевам дека ќе бидат подготвени за неделниот дуел со Португалија“, изјави Лазаров.
И покрај убедливиот пораз, атмосферата во македонскиот табор останува оптимистичка. Павле Атанасијевиќ, кој постигна два гола против Данска, потенцира дека клучот за успех против Португалија ќе биде концентрацијата и минимизирањето на грешките.
„Имаат опасна полуконтра и брз центар, знаеја да нè казнат по секоја наша грешка. Данска е минато, сега фокусот е Португалија. Мора максимално да се посветиме и да оствариме добар резултат. Тие играат брз ракомет, но ние одиме на победа“, изјави Атанасијевиќ.
Фајтерски настап против Данска имаше и пикерот Марко Стојковиќ, кој успеа да се запише и во листата на стрелци. Младиот ракометар истакна дека, и покрај поразот, Македонија има реални шанси да ја мине групната фаза.
„Мора да сме свесни дека Данска се светски и олимписки прваци. Дадовме максимум иако тие беа подобри. Пред нас се уште два натпревари. Чувството да се игра пред 15.000 гледачи е одлично, а сега фокусот мора да биде 200 отсто на Португалија и Романија ако сакаме пласман понатаму“, рече Стојковиќ.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра во недела во Хернинг со почеток во 18 часот, додека последниот дуел од групната фаза против Романија е закажан за 21 јануари.