По реакциите на мајките кои се пожалија дека со месеци се соочуваат со доцнење на исплатите за породилно отсуство, „Скопје1“ побара одговори од Фондот за здравствено осигурување. Од Фондот велат дека исплатите се реализираат согласно законските процедури и дека само во текот на јули биле исплатени 420,3 милиони денари, што, според нив, е највисокиот месечен износ исплатен по овој основ.
На прашањето дали постои законски рок за исплата на породилниот надоместок, од Фондот одговараат дека исплатата се врши по претходно спроведена административна обработка, стручна контрола и одобрување на предметите.
„За започнување на исплатата потребно е за првиот месец да бидат исполнети законските услови, вклучително и уплатата на придонесите. По исполнување на овие услови, исплатата за наредните месеци се реализира континуирано по истекот на месецот за кој се однесува надоместокот“, велат од ФЗОМ.
Во однос на прашањето зошто родилките со месеци се оставени без редовни исплати, од Фондот посочуваат дека секој предмет поминува низ законски пропишана постапка.
„Само во текот на јули, заклучно со 28 јули, Фондот исплати 420,3 милиони денари за породилни надоместоци, што претставува највисок месечен износ исплатен по овој основ. Доколку кај поединечни осигуреници постојат доцнења, тие најчесто се поврзани со некомплетна документација или со неисполнети законски предуслови за започнување на исплатата“, наведуваат од Фондот.
На прашањето зошто јавноста не била навремено информирана за причините за доцнењата, ФЗОМ тврди дека редовно комуницира со јавноста.
„Фондот редовно и транспарентно ја информира јавноста преку официјални соопштенија и одговори на новинарски прашања. Истовремено, континуирано работи на обработка на предметите и навремена исплата на надоместоците. Денешното соопштение, во кое се објавени деталните податоци за исплатите во текот на јули, е уште една потврда на определбата на Фондот за транспарентно и навремено информирање на јавноста“, стои во одговорот.
Во врска со тоа кога ќе се воспостави редовна и навремена исплата, од Фондот велат дека тоа останува нивна цел.
„Исплатата на породилните надоместоци се реализира континуирано и Фондот вложува максимални напори средствата да им бидат исплатени на осигурениците веднаш по завршувањето на законски пропишаните постапки. Целта на Фондот е сите предмети да се обработуваат ефикасно и исплатите да се реализираат во најкус можен рок, со целосно почитување на законските процедури“, одговорија од ФЗОМ за „Скопје1“.