Со цел подобро управување со ограничениот паркинг простор и полесен пристап до слободни места за жителите, ЈП за јавни паркилишта на Општина Центар воведува нов систем на паркирање кој предвидува промени во начинот на издавање повластени паркинг карти.
Од претпријатието посочуваат дека бројот на возила во Општина Центар постојано расте, додека јавниот простор останува ограничен, особено во населбите Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и во потесното централно подрачје.
Една од клучните измени е тоа што повластените паркинг карти повеќе нема да се издаваат по жител, туку по станбена единица, односно по адреса. Според ЈП ПОЦ, досегашниот модел овозможувал едно домаќинство со повеќе пријавени лица да регистрира повеќе возила под повластени услови, што дополнително го оптоварувало паркинг капацитетот.
„Паркинг просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг просторот постојано расте, бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен. Затоа воведовме систем кој треба да обезбеди поправедна распределба на просторот, побалансирани услови за сите жители и одржливост на системот за паркирање“, велат од претпријатието.
Со новите правила, првото возило во домаќинството ќе има бесплатно повластено паркирање, за второто ќе се плаќа 500 денари месечно, додека за третото надоместокот ќе изнесува 1.500 денари.
Од ПОЦ објаснуваат дека мерката не е воведена со цел ограничување, туку за воспоставување баланс и поодржливо користење на јавниот простор, како и за намалување на сообраќајниот метеж и непрописното паркирање.
„Кога јавниот простор се користи без јасни правила, добиваме нерамномерно користење, непрописно паркирање и дополнителен метеж. Со воведување пофер систем сакаме да создадеме пофункционален градски простор и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, додаваат од ПОЦ.
Паралелно со реформите, претпријатието најавува инвестиции во нови паркинг места, подобро искористување на постојните капацитети, модернизација и дигитализација на услугите, како и унапредување на инфраструктурата и контролата.
Од ЈП ПОЦ порачуваат дека целта е создавање современ и долгорочно одржлив систем за управување со паркирањето, кој ќе овозможи повеќе ред, помал притисок врз јавниот простор и поквалитетно урбано живеење во Центар.