Поетот, писател, преведувач, професор и културен дејец Тихомир Јанчовски почина денеска во Скопје, на 58-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја соопштија семејството и Друштвото на писателите на Македонија, кои изразија длабока тага за прераното заминување на еден од најавтентичните современи македонски автори.
Јанчовски зад себе остави исклучително богато и разнолико творештво. Автор е на повеќе од триесет книги – поезија, поетски романи, преводи, како и значајното историографско дело „Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, објавено во 2010 година. Само неколку дена пред неговата смрт, на 23 јануари, на својот профил на социјалните мрежи информираше дека е објавена книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк, во која тој се јавува како уредник и преведувач, најавувајќи и претстојна промоција.
Во 2024 година Јанчовски одбележа 25 години книжевно творештво, а истата година, заедно со Бранислав Николов, го реализираше поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Неговата поезија е застапена во бројни домашни и странски антологии и литературни списанија, а четири од неговите книги се целосно преведени. Делата на Јанчовски се преведувани на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
Покрај книжевната работа, Јанчовски беше и посветен педагог. Од Друштвото на писателите на Македонија посочија дека тој ќе остане запаметен како еден од најомилените наставници на повеќе генерации ученици, кои ги образувал во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје, оставајќи силен личен и интелектуален печат.
Тихомир Јанчовски е роден во Скопје во 1967 година. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1991 година. Специјализирал средновековни студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, а магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.