Поранешниот американски министер за одбрана Леон Панета предупреди дека војната меѓу САД и Иран би можела да продолжи најмалку уште шест месеци, оценувајќи дека Вашингтон ризикува конфликтот да се претвори во уште една долготрајна војна на Блискиот Исток.
Во интервју за „Гардијан“, Панета, кој за време на администрацијата на Барак Обама беше и директор на ЦИА, оцени дека САД и Иран се наоѓаат во тешка блокада од која има малку излези за прекин на конфликтот.
„Не е тајна дека САД и Иран се во тешка пат-позиција, од која има многу малку излези за завршување на војната“, изјавил Панета.
Според него, конфликтот, кој трае повеќе од половина година, се движи кон сценарио на „уште една пропадната војна“ на Блискиот Исток, слична на конфликтите во Ирак и Авганистан.
„Веројатно е дека оваа војна без решение ќе продолжи уште шест месеци“, оценил тој.
Изјавите на Панета доаѓаат неколку дена по ненадејната оставка на секретарот на американската Армија, Ден Дрискол. Според медиумските наводи, неговото заминување било поврзано со несогласувања со министерот за одбрана Пит Хегсет околу серија кадровски промени во Пентагон.
Панета изрази загриженост дека состојбите во американското Министерство за одбрана оставаат впечаток на слабост пред противниците на САД.
„Американските војници одат во војна во момент кога во Пентагон и во командниот синџир владее огромен хаос. Тоа создава впечаток дека никој не ја контролира ситуацијата“, рекол тој.
Поранешниот шеф на Пентагон смета дека противниците на САД, меѓу кои го посочува и Иран, можат да заклучат дека Вашингтон не е подготвен ефикасно да ја користи својата воена моќ.
„Живееме во многу опасен свет, во кој главните закани доаѓаат од Кина, Русија, Северна Кореја, тероризмот и, секако, Иран. Ме загрижува што на нашите главни противници им испраќаме порака на слабост“, изјавил Панета.
Од Пентагон ги отфрлија неговите оценки. Главниот портпарол Шон Парнел изјави дека тврдењата за хаос во Министерството за одбрана се „целосно неосновани“ и навредливи за воените и цивилните професионалци кои работат во институцијата.
„Вака изгледаат реформите“, порача Парнел.
Панета и претходно го критикуваше начинот на кој администрацијата на Доналд Трамп го води конфликтот. Тој смета дека претседателот самиот се довел во ситуација во која нема лесно решение.
Според Панета, Трамп сега има три можни избори. Првиот е повлекување и признавање дека војната не успеала, што поранешниот министер го оценува како малку веројатно.
Втората можност е продолжување на сегашната блокада, со повремени меѓусебни напади, при што двете страни би избегнувале дополнителна ескалација, но истовремено не би започнале преговори. Според Панета, таквото сценарио би можело да доведе до уште една долготрајна војна на Блискиот Исток.
Како трета можност тој го наведува преземањето контрола од страна на САД врз Ормускиот Теснец, со што Иран би бил лишен од, како што вели, „најопасното средство за притисок“ врз Вашингтон – можноста да го блокира или попречува поморскиот сообраќај низ оваа стратешки важна рута.
„Претседателот, значи, или ќе го направи она што е потребно за да го отвори Ормускиот Теснец или ќе продолжи да се преправа дека некако победува во оваа пат-позиција, иако тоа не е вистина“, заклучил Панета.
На прашањето дали САД можат да победат во војната, тој одговорил дека победата е можна само со „драматична промена“ на американскиот пристап, со јасно поставена цел повторно да се отвори Ормускиот Теснец.
Панета смета и дека Трамп го нарушил сопствениот кредибилитет со повеќекратни тврдења дека договор за завршување на војната е блиску и дека Ормускиот Теснец е отворен.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс претходно неделава изјави дека конфликтот со Иран не би го нарекол „војна“. На прашањето дали судирот ќе заврши до американските избори во ноември, Венс одговорил дека не го знае одговорот и дека за тоа треба да бидат прашани Иранците.
Панета, пак, смета дека кај дел од американската јавност е намалена довербата во начинот на кој Трамп управува со конфликтот. Тој се повика на неодамнешни анкети според кои мнозинството Американци го сметаат конфликтот со Иран за грешка и му се спротивставуваат.
Како пример за, според него, лошо управување, Панета го наведе носачот на авиони „USS Abraham Lincoln“, кој пристигнал во Тајланд по повеќе од 260 дена без пристанување во текот на мисијата. Во тој период, според него, биле забележани влошени услови и проблеми со менталното здравје кај дел од екипажот.
„Не можете да испраќате луѓе во воена зона на неопределено време без никаков план за ротација“, рекол Панета.
Тој заклучил дека проблемот, според него, не е само во текот на војната, туку и во довербата во американската војска и во тоа дали таа им обезбедува соодветна поддршка на луѓето што ги ризикуваат своите животи.