Еден од првите тренери на Новак Ѓоковиќ, Дејан Петровиќ, смета дека српскиот тенисер и натаму прави нешто несекојдневно, оценувајќи дека неговите резултати на 39-годишна возраст се вистинско чудо.
Иако оваа сезона Ѓоковиќ стигна до финалето на Австралија опен и до полуфиналето на Вимблдон, Петровиќ истакнува дека за повеќето тенисери тоа би била сезона од соништата, но не и за освојувачот на 24 гренд слем титули.
„Кога станува збор за Новак, ако не освои гренд слем, тогаш многумина ја сметаат сезоната за неуспешна. Но тоа што го постигнува на овие години е неверојатно. И понатаму игра рамноправно со најдобрите во светот. Синер го гледам како помлада верзија на Новак. Кога ќе играат еден против друг, изгледа како Ѓоковиќ да игра против самиот себе“, изјави Петровиќ за „Легалбет“.
Тој нагласи дека никогаш не треба да се отпишува Ѓоковиќ, бидејќи секогаш е способен да приреди изненадување.
„Никогаш не можете да кажете дека Новак нема да направи ново чудо. Најважно му е да ужива во моментот, а само евентуални физички или здравствени проблеми можат да го спречат. Ако освои уште некоја титула, тоа ќе биде одлично, но и без тоа тој веќе ја стави Србија на светската тениска мапа“, додаде Петровиќ.
Ѓоковиќ ќе го пропушти мастерс-турнирот во Канада, но потврди дека по двегодишна пауза повторно ќе настапи на турнирот во Синсинати, кој ќе му послужи како подготовка за УС опен. Во моментов тој е на одмор со семејството во Црна Гора, а потоа ќе ја продолжи подготовката за последниот гренд слем турнир во сезоната.