Божиќ, празникот на радоста, надежта и семејната блискост, годинава за дел од македонските семејства дојде со тишина што боли. Наместо смеа и радост, на празничните трпези останаа празни столови, а спомените станаа најтешкиот товар. Меѓу нив се и семејствата погодени од трагедии што ја потресоа јавноста – пожарот во дискотеката „Пулс“, како и сообраќајните несреќи во кои животите ги загубија младите Фросина Кулакова и Теодора Ристова, прегазени на пешачки премини. Своја болка носи и семејството Лешко. кои го изгубија ди-џеј Љупчо, а случајот остана и натаму отворен.
Во овие празнични денови, нивните сестри преку јавни објави споделија болни, но искрени исповеди за првиот Божиќ без најблиските – сведоштва за загуба што не поминува.
Сестрата на Теодора, Ева Ристовска, напиша дека Божиќ, празникот што отсекогаш ги собирал дома и ги сплотувал со љубов и радост, годинава дошол „тажен и празен“. Таа го опишува моментот на празничната трпеза, празниот стол спроти неа и чинијата што стои недопрена, како сцена во која болката станува физичка.
„Залакот тешко низ грло да ми помине, а солзите во очите на мама и тато уште повеќе ја рушат душата“, напиша таа, додавајќи дека нема каде да избега од тагата.
И покрај болката, во нејзината порака има и надеж – желба сестра ѝ да биде „добро и да се радува со ангелите“, како и апел Божиќ да донесе повеќе љубов, мир и правда.
„Да сме сите на број и да се сакаме повеќе“, пишува таа, завршувајќи со божиќниот поздрав „Христос се роди!“.
Слична, но подеднакво потресна е и пораката на Росица Кулакова, сестра на Фросина Кулакова, која го доживува првиот Божиќ без својата „дади“. Таа пишува дека, иако физички продолжила да живее по кобниот 29 јануари, „еден дел од мене засекогаш умре со тебе“. Според неа, загубата не е еден момент, туку низа отсуства што постојано се појавуваат во најобичните секојдневни ситуации.
„Одболувањето нема ред, нема правила. Болката не познава граници“, пишува Росица, опишувајќи како тагата се вгнездува во делови од душата за кои човек не ни знаел дека постојат. Таа верува дека Фросина е „горе со ангелите, слободна, насмеана и своја“, додавајќи дека „само еднаш во животот се среќава душа како твојата“.
Меѓу другите, и семејството Лешко сведочи за загубата на нивниот Љупчо, кој при пуштање музика во приватен објект каде бил најмен како ди-џеј, загина од струен удар, а правда немаат.
„Земјата сврте уште еден круг околу сонцето. И што ? Ништо. Уште една изгубена година во барање надеж и имање верба дека нешто ќе се смени во нашата држава. И додека земјата така си вртеше околу сонцето, нас не затемни црна темнина и додека нашата полутопка беше на осветлената страна. 60 и кусур изгубени млади животи, повеќе од 200 повредени, десетици загинати во сообраќајни несреќи, стотици жртви на семејно насилство, и.т.н. А за општеството и да не зборам“, пишува меѓудругото Раде Лешко.
Овие сведоштва се потсетник дека зад статистиките и насловите за трагично загубени животи стојат семејства за кои празниците веќе не се исти. Божиќ, кој традиционално симболизира радост и нов почеток, за нив е и ден на тивка борба со болката – но и ден кога, и покрај сè, се обидуваат да најдат сила во љубовта, спомените и надежта дека правдата и човечноста ќе надвладеат.