Најдобрата светска тенисерка Арина Сабаленка ја поддржа одлуката на Женската тениска асоцијација (ВТА) да воведе задолжително генетско тестирање за сите тенисерки кои настапуваат на турнирите.
Новата политика, која стапи во сила на 1 јули, предвидува сите натпреварувачки да се подложат на генетски тест со цел да се утврди нивниот биолошки пол и да се потврди исполнувањето на условите за настап на турнирите организирани од ВТА.
„Биолошки, мажите се многу посилни од жените. Не би било фер жените да се натпреваруваат против биолошки мажи“, изјави белоруската тенисерка во пресрет на својот прв натпревар на турнирот во Торонто.
Таа оцени дека ВТА донела правилна одлука, иако, според неа, било потребно време таа да биде усвоена.
„Мислам дека е многу важно да се зачува правичноста. Ако сите треба да се тестираме, јас со задоволство ќе го направам тоа. Тоа е сосема фер“, изјави Сабаленка.
Според новите правила, само тенисерки кои ќе ги исполнат условите утврдени со тестирањето ќе можат да настапуваат на турнирите на ВТА, додека во спротивно ќе бидат суспендирани.
Во историјата на професионалниот женски тенис, единствената трансродова жена што настапувала на највисоко ниво е Американката Рене Ричардс, која право на настап добила по судска одлука.