Само 2–3 лица кои целосно не доаѓале на работа, а биле евидентирани преку користење на картички за пријавување присуство, сè уште се на платен список, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Таа посочи дека останатите вработени кои биле опфатени со овој случај сами си заминале од работните позиции.
„Многу малку, 2–3 луѓе се останати, кои целосно не доаѓале на работа. Останатите си заминаа со образложение дека немаат време да седат, бидејќи побарав да се работи од 7:30 до крај на работното време, а тие велат дека не можат така, не можат да се движат, не можат да излегуваат, имаат друга работа, така што самите си заминаа“, изјави Андоновска.
Во однос на тие кои се останати Андоновска вели дека доколку бидат преземени правни чекори тие ќе бидат вратени од страна на судовите.
„Се консултиравме дека ако се преземат одредени чекори за нив, тие би можеле да бидат вратени од страна на судовите, бидејќи немаме доказ освен нивното лично признание“, додаде Андоновска.