Наместо да гледаме кон демократските вредности, иднината, Европа и просперитетот, ние маме министри во Владата на Мицкоски кои ги величаат воените злосторници како Ратко Младиќ, вели Кети Штерјова.
„Ова е дел од поширока агенда, Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… „Српскиот свет“ сега и во форма на почитување на воениот злосторник.
Поделбите меѓу граѓаните во општеството, создавањето етнички тензии, навредите на Мицкоски, сето ова е дел од операцијата “Талог“ за која предупредувавме.
Но, одобрувањето или оправдувањето геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства е кривично дело.
И за ова мора да има одговорност.
Членот 407-а од Кривичниот законик предвидува одговорност за „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.
Членот 319 од Кривичниот законик го санкционира предизвикувањето или разгорувањето национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Законот посебно ја третира и злоупотребата на положбата или овластувањето.
Но тука не завршува одговорноста.
Членот 20 од Уставот поставува јасна граница за политичките партии којшо директно се однесува на партијата на Стоилковиќ.
Програмите и дејствувањата не смеат да бидат насочени кон повикување на воена агресија или разгорување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.
Истата црвена линија ја поставува и членот 4 од Законот за политичките партии.
Значи, законот постои. Кривичното дело постои. Надлежна институција постои.
Што чека Јавното обвинителство? Повик од Мицкоски?
Јавното обвинителство мора да постапи за величањето на Ратко Младиќ и да ја утврди одговорноста на Иван Стоилковиќ, неговата партија и Далибор Китановиќ.
Стоилковиќ е министер во Владата на Мицкоски и претседател на Демократската партија на Србите.
Китановиќ е директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Мицкоски мора да каже дали во неговата Влада има место за функционери кои величаат или оправдуваат осудени воени злосторници или ќе ги повика на политичка одговонрост.
Ама Јавното обвинителство мора да си ја заврши работата и кривично да одговараат“, додава Штерјова.