Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Австрија, каде што ќе учествува на 22. Европски самит во Салцбург.
Во рамки на самитот, предвидено е Сиљановска-Давкова да се обрати на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“.
За време на престојот во Австрија, претседателката ќе оствари средби со претседателот на Институтот на регионите на Европа, Франц Шаусбергер, и со гувернерката на сојузната покраина Салцбург, Каролин Етстадлер. Предвидена е и посета на Глобалниот семинар во Салцбург.
Сиљановска-Давкова ќе ја посети и македонската православна црковна општина „Св. Архангел Михаил“ во Халејн.
Европскиот самит во Салцбург се одржува секоја година во организација на Институтот на регионите на Европа и на едно место ги собира политичарите, дипломатите, експертите и претставниците на бизнис-заедницата.
Главната тема на годинешниот самит е „Европа – суверен глобален играч?“, а во фокусот се прашањата поврзани со безбедноста на континентот, економската конкурентност, демографските промени и проширувањето на Европската Унија.