Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, една од најголемите трагедии во поновата историја на државата. На денешното рочиште е предвидено сведочење на законските застапници на оштетените, односно на семејствата на жртвите и на повредените, со што постапката влегува во чувствителна фаза во која фокусот се става врз последиците од трагедијата и барањата за правда и одговорност.
На претходното рочиште, по предлог на Обвинителството, сведочеше сопственикот на авто-лимарски сервис кој се наоѓа веднаш до дискотеката „Пулс“. Тој од своја перспектива, како долгогодишен сосед на објектот, зборуваше за реновирањата што се вршеле со години, како и за кобната ноќ кога пожарот го зафати клубот. Неговото сведочење опфати и детали за условите во објектот, пристапите, излезите и хаосот што настанал во обидите за спасување на присутните.
Претходно, одбраната на обвинетиот Александар Нацев во воведниот збор истакна дека во текот на постапката ќе докаже дека Нацев не бил ниту одговорно лице, ниту фактички сопственик на правното лице „Рубикон“, како и дека припадниците на обезбедувањето ноќта на трагичниот настан немале обврска да го контролираат бројот на посетители, да вршат проверки на безбедносната опрема или на сигурносните услови во објектот. Одбраната тврдеше и дека обвинетото правно лице немало законска обврска да достави план за обезбедување.
На почетокот на денешното рочиште, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука постапката за овој предмет да се спои со друга поврзана постапка, со цел поцелосно и поефикасно утврдување на фактите и одговорноста.
Во воведното излагање на Обвинителството, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето претставува чекор кон утврдување и на лична и на институционална одговорност. Тој истакна дека општеството мора да се соочи со вистината за тоа кој дозволил, кој премолчел и кој не спречил дискотеката „Пулс“ да функционира во услови што ја претвориле во смртоносна стапица. Јанев порача дека не е пресудно само кој го запалил огнот, туку и кој имал моќ и должност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат исклучиво на пиротехничките средства, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и отсуство на ефективна контрола. Според него, правдата не се бара како одмазда, туку како неопходна последица на незаконитост и занемарување на службените обврски.
Сите обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле тешки дела против општата сигурност.
Повеќемина обвинети, преку своите бранители, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на пошироки институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраните најавија изведување докази и сведоци со кои, според нив, ќе се потврди оваа теза.
Во досегашните воведни обраќања своја одбрана изнесоа и сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев, како и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Јованов изјави дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврдеше дека против него нема ниту еден конкретен доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.
Бранителите на Митко Стојанов истакнаа дека обвинението против него е неосновано и дека нема причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот, додека одбраната на Гроздан Милковски нагласи дека закупот на објектот бил законит, дека поседувал валидна документација и дека не учествувал во адаптацијата на просторот.
Проектантката Милка Едровска, преку својата одбрана, наведе дека била ангажирана исклучиво за сообраќајно решение за паркинг и дека немала никаква улога во адаптацијата или во внатрешната структура на објектот. Градежните инспектори, пак, тврдат дека не можеле да постапуваат без пријава или наредба и дека трагедијата не произлегува од градежни пропусти.
Поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, преку својот бранител оцени дека обвинението претставува преседан, наведувајќи дека уште пред отворањето на објектот поднел барање за неиздавање дозвола за работа. Одбраната на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов тврди дека тие постапувале согласно закон, дека надзорот не бил во нивна надлежност и дека обвинението се темели на нецелосна истрага.
Обвинетите од обезбедувањето, преку своите адвокати, наведоа дека обвинението е изградено врз претпоставки, дека нивните задачи биле ограничени и дека не можеле реално да го спречат внесувањето пиротехника, повторно посочувајќи ги институционалните пропусти како суштинска причина за трагедијата.
Поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, како и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, во воведните говори ги негираа обвиненијата, нагласувајќи дека немаат вина. Одбраната на обвинетите службеници од Министерството за економија истакна дека тие имале исклучиво административни надлежности поврзани со лиценците, без можност за теренска инспекција, и дека работеле врз основа на документација заверена од други институции. Пазарните инспектори, пак, упатија сериозни забелешки кон Обвинителството, наведувајќи дека правната конструкција е погрешна и дека во јавноста се изнесуваат неточни информации за нивните надлежности.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот работел со години без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи, без систем за противпожарна заштита и со активирање пиротехнички средства без одобрение, при што во клубот имало далеку повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници.
Дополнителен пресврт во јавната перцепција донесоа наодите на Истражувачката репортерска лабораторија, според кои кај голем дел од жртвите примарна причина за смртта не биле изгорениците, туку интоксикацијата со отровни гасови. Овие сознанија отворија сериозни прашања за употребата на лесно запаливи и токсични материјали во ентериерот и звучната изолација, спротивно на безбедносните стандарди.
Речиси една година по трагедијата, случајот „Пулс“ прераснува во симбол на борбата против неказнивоста и тест за капацитетот на правосудниот систем да обезбеди неселективна правда. Очекувањата на јавноста се дека судскиот процес ќе резултира со јасно утврдена одговорност и ќе стави крај на долгогодишната пракса на институционален молк и занемарување на безбедноста во угостителските објекти.