Новинар од Тетово предизвика лавина реакции во јавноста и во новинарската фела, откако на министерката за образование ѝ се обрати без персирање, користејќи „ти“, и ѝ постави прашање со зборовите: „Си зема преведувач министерке?“. Откако таа одговори „Не“, новинарот возврати: „ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да си земеш преведувач“.
По овој настап, следуваа низа остри реакции од новинари и јавни личности, кои го осудија однесувањето.
„Коректно е медиумски организации, како што оправдано реагираат на однесување на институции и поединци кон новинарите, еднаш да излезат и осудат однесување на новинари. На страна и да им дадат совети и обуки, ако не им ги дале во редакција или на факултет. На што личи обраќање на ТИ кон повозрасно лице или лице на функција? Тоа што не се согласувате со нечија политика може да го манифестирате дома, во приватен живот и зад гласачки параван. Никако во медиумскиот простор. Тоа што некој земал микрофон, а се однесува без основна култура и со некаква политичка агенда, не значи дека е новинар, туку значи дека е активист. „Ти рековме да си земеш преведувач“ - кои сте тоа Вие што сте рекле и како случајно минатиот пат во исто време спуштивте микрофони? Замислете обратна сцена - да тргнат новинарки и новинари Македонци да делат лекции на ТИ на политичари македонски Албанци. Ни тоа не го бива, ама само замислете го пред следен пат да прашате и наредите нешто на ТИ“, напиша новинарот Александар Методијев.
Остра реакција упати и новинарката Емилија Лазаревска:
„Простак и кретен! Срам да ти е. Па мисли кој знае што направил. Која е оваа будала, што е овој? Срамота и овие околу него што си молчат. Затуцан еден, невоспитан. Па со „ти“ ѝ се обраќа на министерката, жена, веројатно е и повозрасна од него. Уф! Е во наше време ќе го „изедевме“ и немаше да му текне другпат да се појави, а не да изигрува шериф“.
Фоторепортерката Арбнора Мемети оцени дека ваквото однесување не доликува на новинар:
„Ова однесување „ти кажавме“ најмалку наликува на некој што себеси се нарекува новинар. Новинарството не е нешто локално и не може да се извршува само во маало. Сакал некој или не, македонскиот јазик е повеќе од неопходен за вршење на оваа професија“.
Сличен став изрази и професорката и новинарка Искра Коровешовска:
„Факти: Тетово е во Македонија, точка. Во Тетово официјален јазик е македонски, точка. „Ти кажавме министерке кога ќе дојдеш во Тетово да си земеш преведувач“ е чаршиски муабет, за пред кооперација, не за јавен настап на новинар пред камера, точка“.
На темата се огласи и новинарката Милка Смилевска:
„Дел од новинариве не разбираат дека се пример во општеството и креатори на јавно мислење и не мислат што зборуваат. Зборот на новинарот има тежина. Не разбираат дека мирот нема цена. Дека само во мир и демократија можеме да имаме живот во Македонија. Не ширете омраза и нетрпеливост. Не личи на новинари да се ограничени и заостанати во некои националистички наративи. Ги сакам и почитувам сите јазици и граѓани и граѓанки“.
Со реакција излезе и новинарот Кристијан Ландов:
„Она што се случи во Тетово не е ништо поврзано со новинарство, туку со некултура. Прво обраќањето на „ти“ кон носител на јавна функција, личност која е години и години повозрасна од Вас... И втора работа „ти кажавме да си земеш преведувач“ во најмала рака е спорно бидејќи нема што новинар да и кажува на било која личност, на било кој функционер што и како да прави. Туку може да праша и може да констатира дали дошол или не дошол со преведувач. Мислам дека ако ние сме тие кои треба да бидеме коректив на општеството, тоа што се случи во Тетово во најмала рака е недозволиво и заслужува извинување“.
Реакциите продолжуваат, а случајот повторно ја отвори дебатата за професионалните стандарди и однесувањето во новинарството.