Со порака за значењето на Армијата во зачувувањето на безбедноста и стабилноста на државата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Охрид присуствуваше на централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата и 34-годишнината од формирањето на современата македонска Армија.
Свеченоста се одржа во Центарот за обука на вода, каде што Тошковски упати честитки до сите припадници на Армијата и го истакна нивниот придонес во заштитата на државата и граѓаните.
„Од борбата за слобода и создавањето на македонската државност, преку осамостојувањето, па сè до денешната современа македонска Армија, низ генерациите се протега иста вредност – одговорноста да се чуваат татковината, слободата и безбедноста на граѓаните“, истакна Тошковски.
Тој оцени дека денес Македонија има модерна, професионална и почитувана Армија, која е еден од столбовите на државниот и безбедносниот систем. Како членка на НАТО, додаде, македонската Армија рамноправно соработува со сојузниците и придонесува кон колективната безбедност.
Тошковски ја нагласи и соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Армијата, посочувајќи дека двете институции имаат заедничка одговорност кога станува збор за безбедноста на граѓаните и заштитата на државните интереси.
„Силна Армија, силна полиција и силни безбедносни институции значат сигурна и стабилна Македонија“, порача министерот.
Во пресрет на одбележувањето на Денот на Армијата, Тошковски вчера положи свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, како и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров и генералот Михаило Апостолски.
Со тоа, како што беше посочено, оддадена е почит кон личности кои дале придонес во создавањето и развојот на македонската држава.
По повод празникот, министерот упати благодарност до сите припадници на Армијата за нивната служба и посветеност кон татковината, честитајќи им го 18 Август – Денот на Армијата и 34-годишнината од формирањето на современата македонска Армија.