Одлуката на Доналд Трамп да воведе царини за земјите кои го поддржаа Гренланд ги доведе трансатлантските односи до точка на сериозна ескалација, а лидерите на Европската Унија разгледуваат досега незамисливи форми на одмазда против Вашингтон, објави Politico.
Односите меѓу САД и ЕУ веќе со месеци се нарушени поради американското двоумење околу поддршката за Украина, притисоците врз земјите членки на ЕУ да прифатат неповолен трговски договор и барањата сојузниците во НАТО драстично да ги зголемат трошоците за одбрана.
Тензиите дополнително ескалираа откако Трамп ги засили претензиите кон Гренланд, што за време на викендот предизвика протести на улиците на Нук и Копенхаген. Европските лидери сега се соочуваат со сѐ погласни повици да го напуштат досегашниот умерен пристап и да се подготват за директен судир со САД.
Во Брисел сѐ почесто се споменува можноста Европа да го активира т.н. Инструмент против присила – трговската „базука“ на ЕУ. Станува збор за моќен механизам за трговска одмазда, првично осмислен како средство за одвраќање на Кина, кој ѝ овозможува на Унијата да воведе царини и ограничувања за инвестиции кон држави што вршат економски притисок.
„ЕУ треба да биде подготвена да примени целни и пропорционални контрамерки“, порача Валери Хајер, лидерка на центристичката група Renew Europe во Европскиот парламент.
Таа истакна дека активирањето на Инструментот против присила мора сериозно да се разгледа, бидејќи токму за вакви случаи на економска закана е создаден.
Францускиот претседател Емануел Макрон не даде директна поддршка за ваков чекор, но јасно навести можен одговор, изјавувајќи дека Европа ќе реагира „обединето и координирано“ доколку царините на Трамп навистина стапат на сила.
Европскиот парламент веќе најави подготвеност да дејствува, вклучително и преку блокирање на ратификацијата на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД. Лидерот на европските конзервативци Манфред Вебер изјави дека „во оваа фаза не е можно“ договорот да добие зелено светло.
Сепак, активирањето на Инструментот против присила би претставувало значително порадикален чекор, бидејќи тоа би значело примена на алатка наменета за ривалски држави против најголемиот сојузник на ЕУ.
„Убеден сум дека не смееме да попуштиме. Спротивставувањето на нов обид за понижување и вазализација е единствениот начин Европа конечно да се афирмира како геополитички актер“, изјави поранешниот француски дипломат Жереми Галон.
И покрај повиците за остар одговор, извозно ориентираните европски економии стравуваат од целосна трговска војна со САД, особено ако се земе предвид дека спорот се води околу Гренланд – остров со околу 57.000 жители, кој уште во 1985 година гласаше за излез од тогашната Европска заедница.
Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович оцени дека во актуелните услови би било „многу комплицирано“ да се одобри трговски договор со САД, предупредувајќи дека новите американски царини можат да предизвикаат „многу опасна надолна спирала“ која Европа треба по секоја цена да ја избегне.
Според извори во Брисел, подготвеноста за конфронтација е значително помала во главните градови на земјите членки отколку во Европскиот парламент.
„Амбасадорите имаат сосема поинаков пристап. Ретко Европскиот парламент и Советот се целосно усогласени, особено за прашања како ова“, изјави висок функционер на ЕУ за Politico.
Во меѓувреме, европската стратегија за одговор на заканите од Трамп интензивно се обликува. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта се враќаа од Латинска Америка токму во момент кога прашањето за односите со САД стана централна тема.
Се очекува европските лидери да се водат од долгорочните економски и безбедносни интереси на Унијата – зачувување на НАТО, но и паралелно јакнење на европската самостојност во одбраната. Во таа насока, фон дер Лајен минатата недела најави нова безбедносна стратегија за ЕУ, а во наредните денови се очекува и презентирање на планови за зајакнување на кибер-безбедноста.