Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска побара од министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа да објасни како Министерството дало согласност за Нацрт-просторниот план во кој се предвидува отворање на пет нови рудници за метали.
Тренчевска посочи дека во документот се наведени конкретни локации за рудници – Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке. Според неа, станува збор за план со кој се определува развојот на Македонија до 2040 година.
Таа посочи и дека со Нацрт-просторниот план се предвидува површините под експлоатација на критични минерални суровини да се зголемат од околу два на приближно десет квадратни километри, што, како што рече, претставува петкратно зголемување.
„Како ова го испланиравте? Кој ви даде право да ја планирате иднината на Македонија зад затворени врати и да им ја цртате средината на граѓаните во која треба да живеат?“, праша Тренчевска.
Таа оцени дека природните богатства се национално богатство и порача дека Македонија не е приватна фирма и не може природните ресурси да се отстапуваат за туѓи интереси.
Тренчевска побара поголема транспарентност околу планираните рударски проекти и праша каде би се наоѓале коповите, јаловиштата и постројките, како и на која оддалеченост би биле од домовите и изворите на вода.
Во обраќањето таа се осврна и на антимонот, наведувајќи дека станува збор за материјал што може да претставува ризик за животната средина доколку дојде до загадување на почвата и водата.
Тренчевска истакна дека граѓаните треба да имаат информации за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси пред да се донесат одлуки поврзани со отворањето на рудниците.
На крајот, таа директно го праша министерот Хоџа како е можно Министерството да дало согласност за ваков план кога, според неа, сè уште не се знае какво ќе биде влијанието на планираните рудници врз животната средина и здравјето на граѓаните.
„Како е можно вашето Министерство да даде согласност за ваква работа, кога ништо не се знае како овие рудници ќе влијаат врз животната средина и здравјето на граѓаните?“, праша Тренчевска.