Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на д-р Симонида Црвенкова, оцени дека стручното мислење од словенечки експерт не може да биде валиден доказ во постапката за случајот Онкологија, бидејќи е изготвено врз основа на нецелосна медицинска документација и европски онколошки препораки што не се дел од македонскиот правен систем. Тој тврди дека македонските лекари постапуваат според домашни протоколи одобрени од Министерството за здравство и дека извештајот на обвинителството е пристрасен.
„Како бранител на д-р Симонида Црвенкова сметам дека стручното мислење на експерт од Словенија не може да биде доказ во постапката од причина што е изготвен врз основа на нецелосна медицинска документација и врз основа на европски онколошки процедури и препораки кои не се дел од правниот поредок, неодобрени од здравствените власти на Република Македонија.
Македонски лекар не може да одговара за примена на водич за онколошки процедури и препораки кои не се одобрени од македонските здравствени авторитети.
Доказ за тоа е известувањето од ФЗО до министерот за здравство од 21.01.2026 година во кое се посочува дека протоколите не се менувани 10-15 години, а странските препораки не се одобрени од здравствените авторитети и истите се дескриптивни и без јасни и конкретни критериуми за соодветна примена.
Сето ова претставува правен дефект и треба да се праша поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој одобрил да се упати барање за изготвување стручна експертиза за примена на европски онколошки процедури во која е применета литература од 2024 година за анализиран период на лекување од 2018-2022 година како доказ во кривична постапка, за ЕУ онколошки процедури и препораки кои не се дел од правниот поредок и не се одобрени од македонските здравствените власти.
Македонските лекари постапуваат по здравствените протоколи и препораки одобрени од министерството за здравство во 2015 година и други здравствени протоколи нема.
Во овој предмет Универзитетски клинички центар Љубљана не постапи по ваквото барање токму поради некомплетноста на медицинските истории и документација и тоа е одговорен и етички однос на совесен лекар.
Конечно, извештајот на техничкиот советник на обвинителството е пристрасен и необјективен од причина што во неколку клучни делови од извештајот техничкиот советник дава мислење со споредба и паралела помеѓу државната клиника и протоколите и процедурите во клиниката Жан Митрев каде што работи како лекар“, вели Владимир Туфегџиќ