Индонезија се соочува со засилена вулканска активност, откако во краток период еруптирале повеќе вулкани, меѓу кои и Анак Кракатау, Семеру и Или-Левотолок. Ерупциите предизвикаа ширење вулканска пепел и сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај, при што десетици илјади патници останаа блокирани на аеродромите.
Во исто време со силната ерупција на Анак Кракатау, еруптирал и вулканот Семеру на островот Јава, исфрлајќи столб пепел висок околу 1.000 метри над врвот. Претходно, во текот на денот, еруптирал и Или-Левотолок, при што пепелта достигнала височина од околу 400 метри над неговиот врв.
Анак Кракатау еруптирал рано утрово, по што биле откажани летови на меѓународниот аеродром „Сукарно-Хата“ во Џакарта. Вулканската активност предизвикала проблеми и на меѓународниот аеродром на Бали, каде што биле откажани повеќе од десет летови.
Според Би-Би-Си, околу 150.000 патници останале заглавени на аеродромите во Индонезија, откако властите привремено го прекинале работењето на шест аеродроми. Министерот за сообраќај, Дуди Пурваганди, изјавил дека досега биле погодени 467 летови и ги повикал авиокомпаниите да разгледаат можност за пренасочување на дел од летовите кон други аеродроми.
Прекинот на летовите главно ги погодил линиите кон и од Сингапур, но и други меѓународни маршрути, меѓу кои оние кон Доха, Сиднеј и Куала Лумпур.
Индонезиската геолошка агенција соопштила дека Анак Кракатау покажувал знаци на зголемена активност уште од петокот. Ерупцијата што се случила во 3:53 часот траела околу 30 секунди, а серијата ерупции започнала уште во петокот навечер.
Вулканот исфрлал врел материјал и создал ефект на „фонтана од лава“, додека татнеж и потреси биле почувствувани во неколку области во провинциите Бантен, Лампунг и Западна Јава. На снимките објавени од индонезиските власти се гледаат изливи на лава од вулканот.
Вулканската пепел стигнала и до делови од Џакарта и околните градови. Жителите на главниот град и соседните населени места на социјалните мрежи објавуваат снимки на кои пепелта паѓа од небото и создава необична глетка, која некои ја споредуваат со снег.
Во Депок и други делови од метрополитенското подрачје на Џакарта, жителите пријавиле сиви наслаги од ситна пепел врз автомобилите, зградите и јавните површини.
Засега нема информации за жртви, а властите не издале наредба за евакуација. Сепак, надлежната агенција ги предупредила жителите и посетителите да не се приближуваат на помалку од три километри од активниот кратер.
Индонезискиот Центар за вулканологија и ублажување на геолошките опасности соопштил дека пепелта се проширила низ делови од Џакарта и провинцијата Лампунг, на јужниот дел од Суматра.
Аеродромот „Сукарно-Хата“ соопштил дека поради зголемената активност на Анак Кракатау летовите биле привремено прекинати од 5:30 до 9:30 часот.
Индонезиската агенција за вулканологија и Советодавниот центар за вулканска пепел во Дарвин, Австралија, преку сателитски снимки идентификувале два облака вулканска пепел.
Едниот облак се издигнал до околу 6.100 метри и се движел кон североисток, зафаќајќи делови од Џакарта, Бантен, Западна Јава и околните води. Вториот достигнал височина од околу 15.200 метри и се движел кон запад и северозапад, покривајќи делови од Бантен, Лампунг и Бенгкулу, како и Сундскиот Теснец и делови од Индискиот Океан западно од Суматра.
Истражувачите сметаат дека вулканската активност можеби предизвикала подводно свлечиште, при што дошло до уривање на голем дел од југозападната падина на Анак Кракатау и поместување на значителна количина вода, наведува АП.