Вулканскиот пепел од ерупциите на Анак Кракатау продолжува да создава сериозни проблеми во Индонезија, при што седум аеродроми, меѓу кои и два што ја опслужуваат Џакарта, останаа затворени. Повеќе од 270.000 патници се погодени со откажувања, одложувања и пренасочувања на околу 2.300 летови, соопшти индонезиското Министерство за сообраќај.
На аеродромот „Сукарно-Хата“ во Џакарта, патниците во текот на денот проверувале дали нивните летови ќе бидат реализирани, додека дел од нив биле принудени да ја поминат ноќта на аеродромските клупи, пренесува „Ројтерс“.
Меѓу патниците бил и 24-годишниот Шпанец Карлос Забала, кој по одморот се враќал дома. Неговиот лет бил одложен неколкупати, а тој се пожалил на недостатокот на јасни информации.
„Сè што можеме е да чекаме“, изјавил Забала.
Поради здравствените ризици предизвикани од вулканскиот пепел, во Џакарта и во провинцијата Лампунг наставата во училиштата ќе се одвива на далечина, објави државната агенција „Антара“.
Анак Кракатау, кој се наоѓа меѓу островите Јава и Суматра, почнал интензивно да исфрла пепел во петокот доцна навечер. Пепелта потоа се проширила над Џакарта и околните подрачја.
Во текот на ноќта, лавата го осветлувала небото со црвен сјај, додека жителите го чистеле вулканскиот прав од подовите во своите домови. Пепелта оставила траги и на објектите во околината, меѓу кои и на ѕидовите на блиската џамија.
Познатиот вулканолог Суроно за „Ројтерс“ изјавил дека ветровитото и суво време го разнесува пепелот, кој содржи сулфур и силициум и може да претставува сериозна опасност за авионските мотори.
„За Анак Кракатау, неодамнешната ерупција беше невообичаена“, рекол Суроно.
Според податоците на агенцијата што ја следи вулканската активност, последната ерупција била регистрирана во неделата во 20:23 часот. Агенцијата предупредила дека веројатноста за нови ерупции и понатаму е висока.
Индонезиската метеоролошка агенција БМКГ соопштила дека столбовите од вулкански пепел достигнувале височина од околу 6.000 метри на страната свртена кон Јава, а до 15.000 метри на страната кон Суматра и во делови од провинцијата Бантен на Јава.
Анак Кракатау е еден од околу 130 активни вулкани во Индонезија. Земјата се наоѓа на таканаречениот Пацифички огнен прстен, исклучително активно сеизмичко подрачје каде што се среќаваат тектонски плочи, поради што земјотресите и вулканските ерупции се чести.
Името Анак Кракатау значи „детето на Кракатау“, а вулканот почнал да се формира пред околу еден век на местото на некогашниот вулкан Кракатау.
Стариот Кракатау речиси целосно бил уништен во големите ерупции во 1883 година. По серијата цунами предизвикани од ерупциите, животот го загубиле повеќе од 36.000 луѓе.
Речиси 135 години подоцна, во 2018 година, ерупцијата на Анак Кракатау предизвикала ново разорно цунами во кое загинале повеќе од 400 лица.