Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, на денешната пленарна седница реагираше на начинот на кој се носи Изборен законик, обвинувајќи дека јавноста е доведена во заблуда со тврдењата дека за текстот бил постигнат широк политички консензус.
Крмов истакна дека седницата е свикана спротивно на Деловникот на Собранието, кој предвидува пратениците да ги добијат материјалите најмалку десет работни дена пред расправата, но нагласи дека уште посериозен проблем е содржината на самиот предлог-закон и обидот тој да се претстави како производ на договор меѓу политичките партии.
„Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска.“
Посебно внимание Крмов посвети на нововметнатиот член за кој рече дека воопшто не бил предмет на разговор во Работната група, а сепак се појавил во конечниот текст доставен до пратениците непосредно пред седницата.
Како што кажа пратеникот, станува збор за одредба која предвидува повеќе нови прекршоци поврзани со јавното изразување за време на изборниот процес, отворајќи можност за санкционирање на говор и објави на социјалните мрежи со глоби до 8.000 евра:
„Овој член магично се појавил утрово заедно со предлогот. Во него се набројани десетици наводни вербални прекршоци, со кои буквално се отвора можност за воведување цензура за време на изборите. Ако нешто кажеме или напишеме на социјалните мрежи, тоа може да биде прогласено за прекршок и да биде казнето со глоба до 8.000 евра.“
Крмов побара од предлагачите да објаснат како ваква одредба се нашла во текстот на Изборниот законик без претходна расправа и без согласност од политичките субјекти, оценувајќи дека е недозволиво вакви суштински измени да се вметнуваат во последен момент, а потоа целиот документ да се претставува како резултат на инклузивен и консензуален процес.
Од Левица порачаа дека не прифаќаат нивното име да биде злоупотребувано за создавање привид дека постои политички договор за законски решенија за кои никогаш не дале согласност.