На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска побара целосна истрага за случајот со возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, кој, според партијата, бил фатен со обележани пари при примање поткуп за наводно посредување за вработување како пожарникар во Противпожарната бригада на Град Скопје.
Кузеска го обвини Јанушев дека е дел од систем за кој тврди дека овозможува корупција и незаконско влијание во институциите.
Кузеска постави прашање за евентуалната улога на Јанушев во случајот и дали неговиот возач бил само посредник. Според неа, возачот нема овластување да вработува пожарникари, додека генералниот секретар на Владата има политичка и институционална моќ.
Од СДСМ посочија и на други случаи за кои тврдат дека се поврзани со луѓе од кабинетот на Јанушев. Партијата наведува дека посебен советник за економски прашања во неговиот кабинет бил меѓу осомничените во случај поврзан со лихварство и перење пари.
Кузеска воедно изнесе тврдења за наводна поврзаност на Јанушев со бугарската компанија „Флугбан Транс“ ДОО од Ќустендил. Според СДСМ, станува збор за фирма за патен превоз на стока со годишен промет од околу 320.000 евра, која, како што тврди партијата, не била наведена во анкетните листови на Јанушев.
СДСМ отвори прашања и за имотот во центарот на Скопје, за кој тврди дека му бил подарен на Јанушев и дека вреди околу 325.000 евра. Партијата побара одговор и за евентуална поврзаност со имотот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во истата зграда.
Кузеска ги спомена и договорите на „Маратон груп“, како и наводната мрежа на компании за кои СДСМ претходно изнесувал тврдења за поврзаност со актуелната власт.
„Ова е систем. Јанушев е дел од системот на Мицкоски“, рече Кузеска, обвинувајќи ја власта за создавање, како што наведе, „организирана криминална група која ја зароби државата“.
СДСМ побара истрагата да не се ограничи само на возачот, туку да ја опфати и евентуалната улога на Јанушев, како и наводите поврзани со компанијата во Бугарија, имотот и други случаи што партијата ги поврзува со владините структури.
Од партијата порачаа дека граѓаните заслужуваат одговори и дека, доколку се утврди одговорност, мора да има и соодветни последици.