На прес-конференција портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска обвини дека процесот на европска интеграција на Македонија стои во место поради, како што тврди партијата, стравот на премиерот Христијан Мицкоски од европското обвинителство. Кузеска го поврза ова со условите и чекорите кон пристапување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
Кузеска рече дека, според неа, кандидатите за членство во ЕУ би се приклучувале кон мрежата на европскиот јавен обвинител пред самото членство.
„Сè што рековме се потврдува, арамијата не сака во ЕУ затоа што не сака европско обвинителство“, изјави Кузеска, додавајќи дека тоа, според СДСМ, би значело истрагите да не запираат пред презиме, функција или партиска припадност.
Таа обвини дека власта избегнува реформи и одговорност и дека Македонија е изоставена од процесот на приближување кон ЕУ, заедно со Косово и Србија, додека како примери за напредок ги посочи Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.
„Пораката што сака да ја испрати Мицкоски е дека него, а со тоа и Македонија, не ја интересира ЕУ“, рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ упати критики и кон односот на Владата кон прашањата поврзани со правосудството, како и кон надворешната политика. Таа ги спомена односите со Србија, Русија и Бугарија, како и присуството на Стоилковиќ и БИА во Владата, претставувајќи ги како дел од, како што тврди СДСМ, погрешната политика на власта.
Кузеска го критикуваше и начинот на кој Мицкоски ја претставува Македонија во странство, осврнувајќи се на неговите фотографии и јавни настапи.
„ЕУ носи правила. Закон за сите. Нема „ало“ од кабинет. Има налог“, порача таа.
На крајот од обраќањето, Кузеска повтори дека СДСМ смета оти актуелната власт ќе одговара за своето работење.
„Доаѓа време кога истрагата не се нарачува по телефон. Власта наскоро се враќа во рацете на народот. Оваа група ќе одговара“, изјави Кузеска.