Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција во Собранието најави дека партијата ќе поднесе Предлог-закон за критична инфраструктура, со кој обезбедувањето на стратешките објекти и инфраструктурата од највисоко национално значење би го вршела Армијата на Република Македонија, во координација со надлежните институции.
Според Мециновиќ, целта на предложеното законско решение е државата критичната инфраструктура да ја третира како прашање од национална безбедност.
Тој оцени дека неодамнешните инциденти, меѓу кои го спомена и загадувањето на водата во Гостивар, укажуваат на сериозни слабости во заштитата на стратешките системи.
„Последните случувања се алармантни. Ова е јасен сигнал дека државата не се однесува доволно сериозно кон своите стратешки објекти. Зборуваме за системски пропусти кои директно ги загрозуваат здравјето, безбедноста и довербата на граѓаните во институциите“, рече Мециновиќ.
Тој додаде дека водоснабдителните системи, браните, енергетските капацитети, комуникациските центри и другите стратешки објекти треба да бидат третирани како критична инфраструктура, а Армијата, според него, располага со капацитетите потребни за нивна континуирана заштита.
На крајот, Мециновиќ ги повика сите пратенички групи да го поддржат предложениот закон, оценувајќи дека станува збор за прашање од национална безбедност.
За изнесените политички оценки и предлози во оваа прес-конференција не беше презентиран став од другите политички партии или од надлежните институции.