Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција оцени дека евентуалното отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик би значело потврдување на нерамноправните услови за учество на изборите и би создало опасен преседан за политичкиот плурализам.
На седницата на Уставниот суд, на која се разгледуваше иницијативата поднесена од Левица, Мециновиќ изјави дека од текот на расправата може да се заклучи дека постои намера иницијативата да биде отфрлена.
Според него, суштината на спорот не е финансирањето на политичките партии, туку обезбедувањето еднаков пристап до медиумскиот простор за време на изборната кампања.
„Левица не бара финансии. Бараме рамноправен пристап до медиумскиот простор, телевизиите, порталите и билбордите. Тоа не е грев, туку демократско право“, изјави Мециновиќ.
Тој предупреди дека доколку Уставниот суд ја потврди спорната законска одредба, во иднина секоја политичка партија што ќе претставува предизвик за големите партии би можела да се соочи со истиот третман.
Мециновиќ ги критикуваше и аргументите изнесени во текот на расправата, оценувајќи дека Уставниот суд треба да одлучува исклучиво врз основа на уставноста, а не на можните политички последици.
Во своето обраќање тој посочи дека Левица на последните избори не добила средства за платено политичко рекламирање и нагласи дека партијата бара еднакви услови за претставување на својата програма пред граѓаните.
Од Левица порачуваат дека борбата за фер изборни правила е, како што велат, борба за демократијата, политичкиот плурализам и еднаквоста на сите политички субјекти во изборниот процес.