Македонските превозници го започнаа протестот пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решение за проблемот со правилото 90/180 дена, кое го ограничува нивниот престој во Шенген-зоната.
На протестот, организиран од Асоцијацијата „Макам-транс“, присутни се превозници и професионални возачи, а пред Делегацијата се паркирани товарни возила. Протестот е најавен како предупредување во пресрет на состанокот на работната група во Брисел, од кој превозниците очекуваат решение за нивниот статус.
Поради протестот, во централното градско подрачје на Скопје е зголемена фреквенцијата и возачите се жалат на создадените гужви во сообраќајот.
Од „Макам-транс“ велат дека преку протестот сакаат да испратат порака дека професионалните возачи мора да добијат соодветно решение што ќе ги земе предвид специфичностите на нивната работа.
Проблемот произлегува од правилото според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена, што, според превозниците, сериозно го отежнува непреченото одвивање на транспортната дејност.