Незадоволството поради изградбата на луксузен туристички комплекс во заштитено крајбрежно подрачје ги извади граѓаните на улиците во Албанија. Стотици демонстранти вчера протестираа против проектот што медиумите го поврзуваат со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Си њуз“.
Жителите се обиделе да влезат во ограденото градилиште, тврдејќи дека нивните имоти биле неправедно одземени преку процес на експропријација.
Демонстрантите побараа и оставка од албанскиот премиер Еди Рама, обвинувајќи дека неговата влада го овозможила проектот преку измени на Законот за заштитени подрачја, усвоени во парламентот во февруари 2024 година.
Со тие измени, заштитените зони во Албанија биле отворени за изградба на туристички комплекси со пет ѕвезди. Критичарите тврдат дека законските измени биле направени токму за реализација на проектот што се поврзува со Кушнер.
Проектот, чија вредност според локалните медиуми се проценува на околу четири милијарди долари, односно 3,43 милијарди евра, опфаќа приближно 250 хектари во рамките на мочуришниот и лагунскиот екосистем Нарта–Звернец.
Поради тоа, проектот наиде на силно противење од локални и меѓународни организации за заштита на животната средина.
Инвеститорот, пак, тврди дека сите активности ќе се спроведуваат согласно законските процедури и дека инвестицијата ќе отвори повеќе од 10.000 работни места. Од компанијата предупредија и дека ќе преземат правни мерки против секој што ќе се обиде да го попречи проектот.
Според албанскиот деловен регистар, компанијата „Звернец Саут Адријатик Девелопмент“, основана во август 2024 година, е во сопственост на холандската компанија „Јуниверзал Пропертис Проџектс БВ“. Локални и меѓународни медиуми тврдат дека компанијата е поврзана со Кушнер.
Во јануари 2024 година, Џаред Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп, ќерка на Доналд Трамп, ја посетија Албанија за да го промовираат проектот за изградба на луксузен туристички комплекс.
Активистите најавија дека протестите ќе продолжат и денес.
Џаред Кушнер минатата година ја објави и својата намера да изгради луксузен хотел вреден 500 милиони долари на локацијата на зградата на Генералштабот во Белград, оштетена за време на НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Проектот подоцна беше повлечен по бројните протести и критики во јавноста.
Во меѓувреме, српското Обвинителство за организиран криминал поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ, секретарката на Министерството за култура Славица Јелача, вршителот на должност директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата Горан Васиќ и вршителот на должност директор на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград, Александар Ивановиќ.
Обвинението се однесува на наводни незаконитости при отстранувањето на статусот на културно добро од зградата на Генералштабот, објект кој за многу граѓани на Србија претставува симбол на настаните од 1999 година.