ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Зоран Заев и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку свои луѓе, се обидуваат да обезбедат маркици за изградба на центри за податоци.
Од партијата велат дека зад иницијативата за изградба на центар за податоци во Пехчево стои Драги Ѓорѓиев, кој бил пратеник од редовите на СДСМ во периодот од 2002 до 2006 година.
„Драги Ѓорѓиев е испостава на Зоран Заев и Венко Филипче“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека додека Филипче јавно води кампања против центрите за податоци, луѓе блиски до него поднесуваат иницијативи и бараат маркици за нивна изградба.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека нивниот став не е против изградбата на центри за податоци, но бараат тие да бидат изградени според сите стандарди, надвор од населените места, со јасна оправданост и со придобивки за локалната заедница.
„Бенефитот за општеството мора да е голем“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнително му порачаа на Филипче дека, како што велат, следниот пат кога „ќе пушта пробни балони и ќе крои политика од јахта“, треба да им каже на своите поддржувачи какви иницијативи поднесуваат.