Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изнесе серија обвинувања на адреса на поранешната власт на СДСМ, тврдејќи дека за време на мандатот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче значително бил зголемен буџетот што државата го префрлала кон приватната Клиничка болница „Жан Митрев“.
Петрушевски изјави дека последните случувања и јавното сведоштво на докторот Жан Митрев, според него, го разоткриле начинот на функционирање на тогашната власт предводена од СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев. Тој обвини дека здравствениот систем бил користен како алатка за притисоци, уцени и финансиски интереси, на штета на граѓаните.
Според податоците што ги презентираше Петрушевски, во 2015 година, кога СДСМ бил во опозиција, буџетот што државата го издвојувала за Клиничката болница „Жан Митрев“ изнесувал 361,6 милиони денари, односно околу 5,8 милиони евра. По доаѓањето на СДСМ на власт, средствата, како што тврди, континуирано се зголемувале.
Во 2017 година буџетот пораснал на 406,6 милиони денари, во 2018 година на 457 милиони, а во 2019 година достигнал 612 милиони денари. Кулминацијата, според Петрушевски, била во 2020 година, кога, во периодот кога министер за здравство бил Венко Филипче, кон клиниката биле префрлени 682 милиони денари, или речиси 11 милиони евра, што претставува речиси двојно зголемување во однос на 2015 година.
Тој додаде дека високите трансфери на средства продолжиле и во следните години, со 602 милиони денари во 2021 и 2022 година, околу 548 милиони во 2023 година и 515 милиони денари во 2024 година. Првото, како што рече, значително намалување на средствата било забележано во 2025 година, кога сумата изнесувала околу 479,8 милиони денари, по промената на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски оцени дека овие бројки, според него, јасно укажуваат на фаворизирање на приватната клиника со народни пари во периодот кога СДСМ бил на власт. Тој постави прашање дали овие трансфери имале за цел да се намали вредноста на болницата заради можен влез на Филипче во приватниот здравствен сектор и побара одговорност и истрага од Јавното обвинителство за, како што наведе, сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба.