Обилните врнежи што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија предизвикаа одрони, поплави и отежнато одвивање на сообраќајот во повеќе региони, но според вонредната информација од Центарот за управување со кризи, состојбата до 18:30 часот е под контрола и надлежните служби се постојано на терен.
Во тетовскиот регион, на патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, падната е голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување, кои преземаат мерки согласно своите надлежности. Во градот Тетово и околината состојбата е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни. На патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, е евидентиран одрон, при што е најавено расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Во тиквешкиот регион, во ридско-планинските делови околу Кавадарци се интервенира со два камиона на повеќе патни правци, при што сите патишта се проодни во зимски услови, а снежната покривка изнесува до 15 сантиметри. Во останатите населени места нема снег.
Североисточниот регион е без поголеми проблеми. Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од селото Пелинце до граничниот премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, но по интервенција е расчистен. Во Крива Паланка сите патни правци се проодни, а интервенирано е и на патот кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ поради одрон. Во Ранковце патот од селото Пклиште до селото Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување, додека во Кратово сите локални патишта се проодни и водостоите не претставуваат опасност.
Во источниот регион, во Штип нема активни врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување, а на неколку патни правци има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападниот регион и понатаму се соочува со последици од врнежите. Во Охрид реката Сушица е ставена под контрола со насип, но на повеќе локации сè уште има поплавени подруми и дворови. Во Струга, во селата Мислешево и Калишта, поплавени се дворови, а санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата. Во Дебар реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање, додека помалите одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга редовно се расчистуваат. Во Кичево водостоите на Зајашка Река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави, а општинскиот кризен штаб одржува состанок за проценка на штетите и планирање на санација.
Во пелагонискиот регион, поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога кај Демир Хисар е затворен за сообраќај. Во Битола состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од поплавените површини во околните места. Во Крушево сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни, додека во Ресен поплавените земјоделски површини се ослободуваат од вода и се интервенира со механизација на коритото на Голема Река. Во Новаци, нивото на реката Црна изнесува 320 сантиметри и се следи континуирано.
Од Центарот за управување со кризи апелираат на внимателно движење, особено на планинските и ридските патни правци, и најавуваат дека состојбата и понатаму ќе се следи со засилено присуство на терен.