„Денес, наместо честитки и фалби, ќе прочитам неколку наслови: „Се откопува телото на уште една жена поврзана со потенцијален сериски убиец, претходната кај која се утврди насилна смрт имала пријавено дека сторителот ја следи“; „Мајка и дете загинаа по пад од зграда во Карпош, соседите велат дека постојано трпела насилство кое било пријавувано“; „Жена претепана од сопругот, 23-годишна девојка следена од поранешниот партнер“.
Рамајана.
Росица.
Кате.
Марија.
Која треба да е следна? Дали сите треба да умреме за да проработи системот, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
“Дали треба уште едно име да стане хаштаг, уште една фотографија да стане црна рамка, уште едно дете да остане без мајка, уште една мајка/татко без ќерка – за институциите да сфатат дека молкот убива?
Пријави за семејно насилство, закани. Но, од друга страна, институционален молк.
И додека ние овде зборуваме за стратегии, акциски планови и родова еднаквост на хартија – жените умираат во реалноста.
Собранието нема право да молчи и да се крие зад процедурите. Собранието има одговорност.
Го отфрливте Законот за електронска нараквица за следење на сторителите на насилство. Без сериозна дебата и аргументи. Од тогаш само броиме жртви.
А денес? Денес устите полни со поддршка за жените. Каде беше таа поддршка кога требаше да се обезбеди конкретен механизам за заштита? Каде е парламентарниот надзор за институциите што молчеле? Каде е одговорноста? Зошто институциите ги остават жртвите сами?
Ова не се изолирани случаи. Ова е систем што реагира по притисок на јавноста, но не и по пријава.
Денес нема да зборувам за платниот јаз. Нема да зборувам за недоволната застапеност на жените во политика. Нема да зборувам за несоодветната инфраструктура, за економско јакнење, за секојдневните предизвици на жените, кои ги има многу.
Денес ќе зборувам за живот и смрт.
Колку жени уби системот со своето молчење?
Колку пријави останале и уште колку се наоѓаат во фиока?
Колку пати сме слушнале: „Тоа е семејна работа“?
Не, колеги. Тоа не е семејна работа. Тоа е државна одговорност. 8 Март не е ден за цвеќе и пригодни објави на социјални мрежи.
8 Март е ден за вистина. А вистината е дека државата потфрли.
И ако не сакаме следниот 8 Март повторно да го одбележиме со читање на имиња на жртви –тогаш мора веднаш да преземеме конкретни мерки.
Не декларации. Не соопштенија.
Затоа што секое одложување може да значи уште едно име. И тогаш нема да биде доволно да кажеме „изразуваме жалење“.
Денес прашањето не е дали сме за правата на жените. Прашањето е дали им овозможуваме безбеден живот?
Обврска е да покажеме дека системот може да штити, а не да молчи. Во спротивно, историјата нема да нѐ памети по честитките за 8 Март, туку по тишината додека жените умираа.
Време е системот да проработи“, вели Зајкова.