Со стартот на Интрадеј пазарот на МЕМО, Македонија влегува во нова фаза на развој на електроенергетскиот систем, што претставува значаен чекор кон негова либерализација, модернизација и поблиска интеграција со европскиот енергетски пазар. Настанот, организиран од Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, се одржа во присуство на владини претставници, институции, енергетски компании и меѓународни партнери.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воспоставувањето на Интрадеј пазарот претставува нова фаза во развојот на електроенергетскиот систем и важен механизам за зголемување на неговата флексибилност и ефикасност. Таа посочи дека процесот во минатото бил забавен поради институционални слабости и недоволна стратешка насоченост, но дека со координирана работа и политичка волја бил реализиран овој сегмент од пазарот.
Божиновска нагласи дека новиот пазар овозможува управување со електричната енергија во реално време, што е особено важно во услови на динамичен енергетски систем. Според неа, компаниите сега добиваат можност за прилагодување на своите позиции непосредно пред испорака, намалување на трошоците за дебаланс и поефикасно управување со производството и потрошувачката.
Таа додаде дека Интрадеј пазарот има значајна улога во енергетската транзиција, особено во интеграцијата на обновливите извори на енергија, бидејќи овозможува поголема стабилност при користење на извори како сонце и ветер. Ова, според неа, претставува чекор кон поодржлив и поконкурентен енергетски систем.
Министерката порача дека ова не е конечна цел, туку почеток на следна фаза – поврзување на македонскиот пазар со европските преку механизам на пазарно спојување, што ќе донесе поголема ликвидност, подобри ценовни сигнали и заштита на домашните компании од дополнителни трошоци поврзани со европските регулативи.
Во своето обраќање, таа истакна дека Министерството ќе продолжи со зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на регулаторната рамка и поттикнување на инвестиции во енергетската инфраструктура и обновливите извори.
Од МЕМО беше нагласено дека со воведувањето на Интрадеј пазарот системот добива можност за работа во реално време, со појасни ценовни сигнали и поефикасно управување со ресурсите, додека меѓународните партнери ја истакнаа важноста на овој чекор за регионална енергетска интеграција.
Со оваа реформа, Македонија ја зајакнува својата позиција како активен и кредибилен учесник во европскиот енергетски систем, отворајќи нова фаза на развој, конкурентност и одржливост во секторот.