Европската комисија предлага нов Закон за достапно домување, со кој националните, регионалните и локалните власти во земјите членки би добиле поголема правна сигурност при носењето мерки за зголемување на понудата на станови и нивната достапност.
Проблемот со високите цени на домувањето не е еднакво изразен насекаде во Европската Унија. Особено е присутен во големите градови, на островите и во туристичките места, каде што значителен дел од станбениот простор не се користи за постојано живеење. Тоа создава дополнителен притисок врз цените и достапноста на становите.
Европската комисија оценува дека недостигот на станови на места каде што луѓето работат и живеат има пошироки економски последици. Високите трошоци за домување влијаат врз можноста младите да се осамостојат, ја намалуваат подвижноста на работната сила и можат да ги ограничат можностите за образование.
Некои земји членки веќе воведоа мерки за справување со проблемот, но дел од нив се соочија со правни предизвици поврзани со усогласеноста со европското законодавство. Особено внимание привлекуваат мерките за краткорочно изнајмување преку платформи како „Ербиенби“, кои во одредени случаи може да бидат предмет на правни спорови поради правилата за слободно обезбедување услуги и правото на приватна сопственост.
Еврокомесарот за енергија и домување, Дан Јоргенсен, посочи дека некои земји вовеле и забрани за долгорочно држење на станови празни, со што сопствениците се поттикнуваат да ги користат или да ги изнајмат. Новите правила треба да обезбедат поголема правна сигурност за ваквите мерки.
„Се соочуваме со сериозна криза која на многу граѓани им го оневозможува пристапот до домување. Кога пазарот не успева да обезбеди нешто толку основно како достапен дом, јавните власти имаат одговорност да дејствуваат“, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија, Тереза Рибера.
Според Комисијата, Законот за достапно домување треба да им помогне на надлежните власти да ги утврдат подрачјата каде што станбената криза е најизразена и да воведат соодветни и насочени мерки за зголемување на достапноста на домовите.
Како пример е наведен Загреб, каде што според податоците на Комисијата 19 отсто од становите се празни. Во Мадрид, пак, на секои 100 станови за долгорочно изнајмување има околу 40 станови кои се нудат за краткорочен престој.
Краткорочното изнајмување станува сè попривлечно и за инвеститорите. Комисијата наведува дека на Малта повеќе од 60 отсто од становите што се нудат за краткорочно изнајмување се во сопственост на лица кои поседуваат два или повеќе станови за изнајмување.
За утврдување на подрачјата каде што постои сериозен проблем со достапноста на домувањето се предлага заедничка методологија заснована врз објективни и транспарентни податоци. Притоа ќе се анализира односот меѓу цените на становите и приходите, а потоа и локалните услови на пазарот, вклучително и понудата и побарувачката, како и демографските движења.
Доколку локалните власти одлучат да го ограничат краткорочното изнајмување во одредено подрачје, ќе треба да докажат дека таквата мерка е неопходна поради неповолниот однос меѓу цените и приходите и дека големиот број станови наменети за краткорочен престој ја намалува понудата на достапни домови.
Европската комисија нагласува дека таа нема да одредува кои подрачја се соочуваат со станбен притисок. Тоа останува надлежност на националните, регионалните и локалните власти. Проценките треба да се темелат на докази, да бидат географски насочени, транспарентни и редовно да се преиспитуваат.
Предлог-законот не воведува забрана за краткорочно изнајмување, ниту им препорачува на земјите членки да воведуваат ограничувања. Од Комисијата посочуваат дека краткорочното изнајмување носи и придобивки, меѓу кои дополнителни приходи за домаќинствата и поттик за обновување на станбениот фонд.
Сепак, доколку надлежните власти утврдат дека се потребни ограничувања за заштита на достапноста на домувањето, ќе треба да покажат дека краткорочното изнајмување има значително негативно влијание врз локалниот пазар на недвижности.
Конечната одлука за предлогот ќе ја донесат земјите членки и Европскиот парламент.