Денеска е Светскиот ден на водата. Таа е основата за здравите екосистеми и опстанокот на човекот воопшто.
Се поголемиот недостаток на вода е резултат на климатските промени и во таа насока Охридското езеро претставува важен ресурс за пивка вода за Охрид, Струга и регионот, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Градоначалникот во објавата додава:
Недостатокот и потребите од повеќе вода за пиење особено во текот на летните периоди Охрид ги решава со тоа што преку пумпната станица Метропол црпи вода од Охридското Езеро. Истата се филтрира, хлорира и според Центарот за јавно здравје е безбедна за пиење. Количините кои се добиваат од таму се нешто повеќе од 300 литри во секунда.
Според експертските студии во ситуација кога сè повеќе ќе недостасува вода, Охридското Езеро може да претставува најголем извор на чиста вода за пиење низ Европа.
Затоа наша обврска и цел како општина е истото да го заштитиме и чуваме, напиша Георгиески на ФБ.