Скопје

Напролет почнува изградбата на Skopje East Gate

Проектот „Скопје Ист Гејт“ напролет ќе почне да се гради преку реализација на првата фаза, која што опфаќа изградба на трговски центар и четири станбени згради. Албанската групација „Балфин“ планира да инвестира 90 милиони евра во нов шопинг мол во Скопје, со вкупна површина за издавање (GLA) од 53.000 метри квадратни. Комплексот ќе се гради на местото на постоечките хали од Скопскиот саем. Трговскиот центар и четирите станбени згради според планот треба да бидат завршени до крајот на 2020 година, објави build.mk.

Албанската групација „Балфин“ планира етапно да го гради мултифункционалниот комплекс на локацијата што зазема површина од 155.000 метри квадратни. Очекувањата на инвеститорот се дека во новиот трговски центар ќе функционираат околу 250 продавници и дека ќе привлече неколку брендови кои во моментов не се присутни на македонскиот пазар.

Објектот на трговскиот центар ќе има два ката и подземен паркинг. Првата фаза од реализацијата на проектот ја подразбира и изведбата на четирите станбени згради, кои ќе понудат 670 станови на домашниот пазар на недвижности.

Изградбата на целокупниот комплекс „Скопје Ист Гејт“ ќе се одвива во период од пет до седум години. Проектот вреден 350 милиони евра ќе овозможи изградба на 10 згради за колективно домување со 1.600 станови, пет бизнис центри со предвидена нето површина од 66.000 метри квадратни и трговски центар со површина за изнајмување од 53.000 метри квадратни.

Извор: build.mk

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток