Општина Охрид е цврсто одлучена да воведе ред и да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје. Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото, се вели во соопштението од општина Охрид.
Во продолжение на истото од локалната додаваат:
Денеска градежната механизација и работните екипи ангажирани од Општина Охрид започнаа со активности за отстранување на платформите на плажите „Куба Либре“, „Кадмо“ и „Бела Виста“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.
Исто така, во текот на наредните денови ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“.
Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите.
Остануваме посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките.
НИКОЈ НЕ МОЖЕ И НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НАД ЗАКОНИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ НА ОХРИД, се вели во соопштението од Општина Охрид.