Унгарскиот интернет портал „24.ху“ го улови експремиерот Никола Груевски во познат унгарски ресторан, каде бил во друштво на 4 лица, а имал и возач. Новинарите му поставија неколку прашања, но не добија конкретни одговори.
Инаку Груевски веќе еден месец е во Унгарија. Унгарските институции се уште молчат за барањето на македонската Влада за екстрадиција на поранешниот македонски премиер.
Груевски замина од Македонија во моментите кога требаше да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за случајот со набавка на луксузниот мерцедес.
„Правно гледано, спецификата во овој случај е во азилот”, посочуваат од Министерството за правда, нагласувајќи дека лицето, кое и да е, се додека има меѓународна заштита не може да биде екстрадирано во матичната земја.
Во случајот со Груевски, според постапките за азил на Унгарската канцеларија за имиграција на секои три години повторно се разгледува статусот на секој кој добил азил во Унгарија. Да видиме дали ќе се чека толку време за преиспитување на азилот и за поранешниот македонски премиер, кој има блиски пријателски односи со актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Министерството за правда на Република Македонија барањето за екстрадиција го поднесе на 20 ноември оваа година до надлежното унгарско Министерство за екстрадиција, но истиот ден Груевски во статус на својот Фејсбук профил објави дека добил политички азил во Унгарија.