Актуелно

Петков по ослободувањето на Борисов: Бугарија нема независно обвинителство

Бугарскиот премиер Кирил Петков го критикуваше ослободувањето на поранешниот премиер Бојко Борисов, велејќи дека во Бугарија нема независно обвинителство.

Повторно сме соочени со целосна саботажа на Обвинителството на Република Бугарија на чело со господинот Иван Гешев“, изјави Петков, пренесе бугарската агенција БТА.

Петков и министерот за внатрешни работи Бојко Рашков синоќа одржаа вонредна прес-конференција на Советот на министри на која го коментираа притворот и потоа ослободувањето на Борисов.

„Се прикриваат документи кои можат да доведат до обвинувања до кои лесно можеме да дојдеме. Исто така се прикриваат и игнорираат информациите за да се спречи правна истрага“, рече премиерот по ослободувањето на Борисов од притвор.

Поранешниот премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, во четвртокот вечерта беше приведен заедно со поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и неговиот советник за медиуми Севдалин Арнаудов, а ден подоцна беа ослободени.

Обвинителството по нивното ослободување соопшти дека немаат доволно информации за да ги обвинат. Петков рече дека обвинителството ја попречува работата на секој што се обидува да се справи со корупцијата во Бугарија.

„Постои сериозен проблем за бугарското обвинителство, а тоа е дека Европското јавно обвинителство ЕЕПО работи на овој случај“, рече тој.

Тој нагласи дека Бугарија повеќе нема да биде заробена држава и ќе направи се „да стане нормална европска држава“.

На почеток