Зеленски: „Ние преживеавме, а руските бродови можат да одат само до дното“
Украинскиот претседател се огласи по повод 50-тиот ден од војната.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека украинскиот народ треба да биде горд што, како што наведе, „преживеал 50 дена под рускиот напад“ и ја донел „најважната одлука – да се борат“.
Во видео-обраќање, Зеленски рече дека Украинците треба да бидат горди што „преживеале 50 дена под рускиот напад“ кога Русија, како што наведе, „им даде најмногу пет“, пренесува АП.
Тој додаде дека во тоа време дури и пријателски светски лидери му предложиле да ја напушти Украина, но дека, како што наведе, „не знаеле колку се храбри Украинците, колку ја ценат слободата и можноста да живеат како што сакаат“.
„Украина ја брани нашиот народ, целиот наш народ, кој го спречи напредокот на бескрајните колони руска технологија, оние кои ги воздржуваат постојаните напади во Донбас, оние кои херојски го бранат Мариупол“, посочи Зеленски.
Тој додаде дека Украина ја бранат оние кои, како што наведе, „покажале дека руската авијација е беспомошна“, а дека „руските бродови можат да одат само до дното“, алудирајќи на оштетениот команден брод на руската Црноморска флота „Москва “, кој потона вчера.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека бродот од советската ера е тешко оштетен во пожарот, а Украина тврди дека нејзините вооружени сили ја погодиле „Москва“ со ракети.