Актуелно

„Не се стремиме кон нова Студена војна или азиско НАТО“, вели Америка

Соединетите Држави не бараат конфликт или Студена војна во азиско-пацифичкиот регион и немаат намера да создадат азиски пандан на НАТО.

Ова го изјави шефот на Пентагон, Лојд Остин на безбедносна конференција во Сингапур.

„Ние не бараме конфронтација или конфликт. Не се стремиме кон нова Студена војна, азиско НАТО или регион поделен на непријателски блокови“, рече Лојд на конференцијата Шангри-Ла Дијалог.

Остин рече и дека САД нема да се двоумат да ги заштитат своите интереси во регионот, кој се смета за „центар на стратешка гравитација“ во 21 век.

„Работиме на промовирање на нашата визија за регионот, а тоа е проширување на безбедноста, а не конфронтација“, рече тој.

Според него, САД ентузијастички соработуваат со „конкурентите и пријателите“ за одвраќање на можни конфликти, а тоа значи отворена линија за комуникација со претставниците на одбранбениот сектор на Кина.

На почеток