Прва победа на Боки 13 и Катица Јанева пред судот
Судијата Андреј Димовски реши дека бизнисменот Јордан Камчев не може да добие назад 1,5 милиони евра од Катица Јанева, Бојан Јовановски-Боки 13, Јавното обвинителство и СЈО. Според него, Камчев немал својство на оштетен за да ги добие овие пари, туку е само сведок. Но посочи и дека не може да се бараат пари дадени за коруптивно влијание.
„При одлучувањето, дилемата пред која беше исправен судот беше дали може да се пружи судска заштита на оној кој се повикува на сопствениот дигнитет. Со други зборови, дали може да се заштити тужителот кој знаел дека презема дејствие кое е недопустливо од аспект на законските норми. За оваа дилема, судот го примени начелото ‘никому не може да се дозволи сопствените недопустливи постапки да чини основ за судска заштита’. Кога некој ќе преземе обврска врз основа на договор кој е спротивен на првните прописи, таа обврска не е правно важечка. И тоа, обврската постои како натурална облигација, но странката не може да го бара назад она што го дала врз основа на натурална облигација. Странката која дејствувала несовесно, односно знаела дека чини нешто што е недопустливо, не може да го бара назад она што го примила странката која дејствувала исто така несовесно.“, објасни судијата Димовски, пренесува „А1он“.
Ова е прва победа на Боки 13 и Катица Јанева во судот, откако претходно беа осудени на високи затворски казни за „Рекет“.