Унгарија бара дополнителни 700 милиони кубни метри гас, Лавров вели дека Русија ќе го разгледа барањето


Унгарија побара од Русија дополнителни 700 милиони кубни метри природен гас, изјави денеска во Москва министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто додаде дека целта на унгарската влада е да ја обезбеди енергетската безбедност на земјата.
„Некои можат да продаваат празни ветувања, други можат да ги уништат каналите за комуникација, но факт е дека физичката реалност не може да се промени и едноставно не е можно да се купи дополнителен природен гас во Европа сега без руски извори“, рече Сијарто на прес-конференција со Рускиот колега Сергеј Лавров.
Складиштата на гас во Унгарија се полнат според планот, а моментално е на ниво од 27,3 отсто од годишната потрошувачка, јавува МТИ.
„Во нормални времиња, тоа би било доволно и би обезбедило безбедност, но како што сите знаеме, ова не се нормални времиња и мора да бараме дополнителна безбедност“, додаде тој.
Сијарто изјави и дека Унгарија ги презела сите неопходни мерки за да добие дополнителни количества и да обезбеди финансиски средства за тоа и додаде дека владата сака да обезбеди доволно гас за секое семејство или компанија во Унгарија.
Покрај енергетската безбедност, Сијарто рече дека целта на неговата посета на Москва е да покаже дека Унгарија сака мир во Украина бидејќи војната има трагични последици.
„Бараме од сите да вложат напори војната да заврши што е можно поскоро, и да се врати мирот што е можно поскоро“, рече Сијарто.
Москва ќе го разгледа барањето на Унгарија за дополнителни количини гас што сака да ги купи од Русија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Унгарија, која добива околу 85 отсто од својот гас од Русија, цврсто се противи на идејата за какви било санкции на ЕУ за рускиот гас.
Според 15-годишниот договор со Гаспром, кој Будимпешта го потпиша минатата година, Унгарија добива 3,5 милијарди кубни метри годишно преку Бугарија и Србија и дополнително преку гасоводот од Австрија.
Лавров посочи дека Москва не сака санкциите да влијаат на односите и соработката меѓу двете земји и дека Русија ќе бара и најде решение за соработката на сите полиња „да биде независна од такви лудости како што се санкциите и казнените мерки“.
„Отворената русофобија што ја турка Вашингтон создава пречки во соработката меѓу двете земји“, заклучи Лавров.
