Нови детали: Сопственикот на „Фристајлер“ еден час пред несреќата знаел дека сплавот почнал да се полни со вода
Сопственикот на белградскиот сплав „Фристајлер“, кој потона за време на дочекот на новогодишната ноќ неколку минути по полноќ, еден час пред инцидентот бил известен дека во зградата влегува вода, а при евакуацијата дошло и до тепачка во која учествувало обезбедувањето.
Ова го објави репортерот на ТВ Прва пред сплавот. Сепак, таа не го прецизираше изворот на оваа информација, пренесува „Блиц.рс“. Инаку, сплавот „Фристајлер“ не само што се помести наназад и уште повеќе се навали, туку го извлече и бетонскиот столб на кој беше прикачен, а ѓубрето веќе трет ден се протега покрај брегот.
Да потсетиме, сопственикот, директорот и управителот на сплавот „Фристајлер“ синоќа беа уапсени како сторители на овој инцидент кој само од чиста среќа не заврши фатално. На нив им е одреден притвор до 48 часа, по што заедно со кривична пријава ќе бидат изведени во Третото основно јавно обвинителство во Белград и ќе бидат сослушани во среда, на 4 јануари.
Репортерите на Телевизија Прва ја пренесоа и информацијата дека сопственикот бил известен уште еден час пред инцидентот дека водата почнала да навлегува во сплавот, како и дека обезбедувањето „тепало неколку луѓе кои сакале да им ги земат работите“.
– Имаше информација дека сопственикот бил известен дека вода почнала да навлегува во сплавот, но дека рекол дека нема потреба да се грижи и дека сплавот не може да потоне иако има речиси два до три пати повеќе луѓе на него како што е пропишано – вели репортерката Милица Савиќ, известувајќи пред самиот „Фристајлер“.
Според младиот човек, кој вечерта бил на сплавот, дошло и до тепачка, а како што јавува репортерот на Прва, обезбедувањето претепало неколку лица кои се упатиле кон излезот и кои сакале да им ги земат документите од јакните кои биле во специјална просторија.
Фото: Принтскрин/Инстаграм