Ако отворен шовинизам е европска вредност, тогаш треба да ја треснеме вратата однадвор, смета професор Трајковски
Професорот Дејан Трајковски посочува: „Дојде време Македонија најсериозно и најучтиво да се обрати до ЕУ и да праша дали двојните стандарди и малтретирањето на земјите кандидати спаѓаат во нивни вредности“.
Тој во статусот додава:
„Поконкретно, дали оправдуваат што нивна земја-членка (Бугарија) поставува услов на земја-кандидат (Македонија) да направи нешто (да ги внесе Бугарите во Уставот), што самата никогаш не би го направила (барем да ги признае Македонците, ако веќе не сака да ги запише во Уставот). Дали непризнавањето на јазик и нација е европска вредност? Истото требаше да се направи и за Грција, во случајот со името.
Ако таквата асиметрија и отворен шовинизам претставуваат европски вредности, тогаш треба да ја треснеме вратата однадвор и да им порачаме дека не ни требаат ни тие ни нивните дефектни „вредности“. Нас пак, никој не ни пречи самите да ја уредиме државата според највисоки стандарди. Ако не сме во состојба или немаме волја самите да го направиме тоа, никаква ЕУ во тоа нема да ни помогне, како што впрочем не и помогна ни на Бугарија. Ако сме пак способни, тогаш не ни треба ЕУ.
Ова срамно и недостоинствено коленичење, што ни се претставува како некаква висока политика што простиот народ не ја разбира, за чие спроведување се вршат притисоци и пазарења, претставува самоубиство и за народот и за државата“.